Ангел Димитров: Нема договор за Гоце Делчев- пробавме се, сега работите се пренесуваат на политичко ниво

Тензиите кои постојат во нашата работа изминативе месеци не стивнуваат, вели Ангел Димитров, копретседавач на бугарскиот дел од Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања формирана согласно Договорот за добрососедство меѓу Република Македонија и Република Бугарија.

Како што јави БНГНЕС, на средба со новинарите по состанок на Комисијата во Софија, истакна дека постигнатите договори до моментов се незначителни и додаде дека се уште нема договор во однос на средновековниот период и за Гоце Делчев.

-Добиваме сигнали дека имаме различни претстави со нашите колеги не само за смислата на нашата работа, туку и за разбирањето на Договорот за пријателство и добрососедство. Тоа е доволно убедлив показател дека не сме во состојба да зборуваме за постигнати сериозни резултати. Загрижен сум не само затоа што секој чекор напред е нешто добро, не толку за самиот Договор, колку за односите меѓу луѓето од двете држави. Загрижен сум и затоа што едно од решенијата на Комисијата беше очекувањето за поинтензивна работа со цел да постигнеме определени резултати до крајот на годината околу разговорите за Гоце Делчев и за Илинденското-Преображенско востание, вели Димитров.

Според него, работата по ниту едно од тие прашања не е завршена.

-Тоа е вон нашите можности, се обидовме да направиме што можеме, сега работите се пренесуваат на политичко ниво, прецизира Димитров.

Воедно, додава дека нивниот предлог да се одржи во декември уште една средба, македонскиот тим го одбил, од како што вели, нивни причини, и предложил да се направи голема пауза во контактите некаде до мај.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

29.11.2019 - 18:28

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега