Новите законски измени предвидуваат пластичните кеси да е плаќаат 10 денари

Веќе нема да има бесплатни пластични кеси – по неколку години владата повторно има намера да воведе нивно задолжително купување и тоа по цена од 10 денари.

На овој начин сметаат дека граѓаните ќе се обесхрабарат да ги купуваат, а неместо нив, да употребуваат хартиени кеси или торби за пазарење.

Министерот Насер Нуредини вели дека засегнатите компании реагирале позитивно на оваа иницијатива. Се надева дека таа ќе биде прифатена и од страна на граѓаните и на таков начин ќе се намали ќе се помогне во зачувувањето на животната средина.

Нуредини денеска соопшти дека Владата ја усвоила иницијативата на Министерството за престанок на набавки на пластика за еднократна употреба и пластична амбалажа од страна на државните институции која ќе стапи во сила од 1 јануари 2020 година.

– Ова значи дека во следната јавна набавка спроведена од страна на Владата пластичните шишиња ќе бидат заменети со стаклени, нема да се набавуваат пластични чаши, сламки, лажичиња и друг пластичен прибор за еднократна употреба и нема да се набавуваат добра како шеќер во пластична амбалажа, туку рефус, појасни Нуредини пред почетокот на јавната дискусија со претставниците од локалната самоуправа и јавните комунални претпријатија.

Тој посочи дека било одлучено и дека Службата за општи работи и услуги и сите министерства, органи во состав, секретаријати и стручни служби нема да склучуваат договори за јавна набавка со производители, без да поднесат доказ дека најмалку за тековната година во целост ги исполниле обврските во согласност со законодавството во областа на проширена одговорност на производителот за управување со посебните текови на отпад.

Овие мерки, како што посочи Нуредини, се дел и од планот за спречување на создавањето отпад во РСМ, кој бил подготвен од страна на Министерството и ќе биде официјално донесен по усвојувањето на новиот пакет закони за управување со отпадот кој во моментот е во фаза на консултации и за кој се одржуваат јавни расправи.

Министерот рече дека засега сите компании оваа иницијатива ја прифатиле позитивно и е мерка што сите треба да ја прифатат, односно, како што рече, треба да се преземе одговорност од сите страни.

– Внимателно разгледајте ги законите кои се предложени, тоа се шест закони што се во линија со ЕУ законодавството и со меѓународните стандарди и се преземени практиките кои функционираат во другите земји. Приватниот сектор ги презема своите обврски, разбира дека треба да преземе одговорности и да ги поднесе финансиските обврски што доаѓаат. Многу е важно да се разгледаат овие закони, и да се добие поддршката за да поминат, да бидат усвоени и да почне да се применуваат за да се воспостави тој одржлив систем за управување со отпад, рече Нуредини.

Тој смета дека Скопје не е најзагаден град во светот и посочи дека работат напорно да ги сменат и да ги применуваат законите, затоа што, како што рече, не е важно само да се создаде законот, треба да го примениме, а за да ги примениме, потребна е поддршка од сите.

Во однос на тоа дали ќе се применат мерките за аерозагадувањето, Нуредини рече оти се свесни дека е загадено и дека концентрациите се високи, но се додека прагот на загаденост не се помине нема да се преземат мерките што се пропишани согласно закон.

Новиот пакет закони, како што посочија од Министерството, ги надградува правилата и процедурите за управување со отпад од пакување, батерии и акумулатори, како и електрична и електронска опрема, но воведува и нов Закон за дополнителни текови на отпадот што ќе го регулира управувањето со отпад од возила, гуми, масла и текстил.

Јован Мазгански од невладината организација „Еко-Скопје“ денеска изјави дека не се задоволни од мерките преземени од страна на власта за проблемот со аерозагадувањето.

– Не верувам дека власта презела се што треба да преземе, мислам дека најмногу затаиле инспекциските служби. Се обидуваат, но тоа не е доволно, веројатно треба значајно повеќе да се направи, рече Мазгански.

Тој смета дека пластичните ќеси се проблем, меѓутоа за загадувањето на воздухот не се проблем.

– Би и порачал на власта да не одиме на некои периферни проблемчиња кои можеме полесно да ги решиме, па да залажуваме дека проблемот е решен или ќе го решиме. Проблемот се решава значајно повеќе, рече Мазгански.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

18.12.2019 - 19:06

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега