Шкариќ: Со 65 гласа измените на Изборниот законик за една изборна единици ќе бидат легитимни и легални

– Штом имате 65 пратеника како поддршка, законот е веќе донесен. Кој може вас да ве запре? Верувате дека некој бирократ ќе ве запре или некоја процедура со Деловникот, расправи во комисиите? Клучна е поддршката од 65 пратеника. Ваквиот закон ќе биде и легитимен и легален, истакна професорот.

Според него, ваквиот закон би бил легитимен и легален, но оти би можело претседателот на Собранието да не го поддржи, но ќе биде потпишан од претседателот на државата.

Сепак, вели тој ова би можело да се случи под услов да се разгледа моделот за распределба на мандатите.

Предлогот на професорот Шкариќ е таканаречениот Харов изборен модел со отворени и подвижни листи.

Пратеничката од ДОМ, Лилјана Поповска истакна дека предлогот за измени е од помалите партии поддржан од 17 пратеници, но оти всушност потребата за ваква промена е поддржана од 65 пратеници од владејачкото мнозинство.

– Овој закон за една изборна единица да не е блокадата ќе може непречено да биде донесен во Собранието, рече Поповска.

Додека другиот закон, како што кажа, е за зголемување на 50 отсто на жените во Парламентот.

– Кога ќе се види дека овие измени се едноставно решливи и применливи, кои бараат минимална измена на обрасците за гласање на парламентарните избори и едно промена на софтверот за пребројување на гласови, практично нема реална причина и пречка овие закони да не се донесат, вели Поповска, која смета дека блокадата на Комисијата е директно против демократијата и практично од позиција на моќ.

Претседателот на Комисијата, Александар Кирацовски вели дека СДСМ прифаќа една изборна единица затоа што во ветер се фрлаат голем број гласови и оти не губат само партиите туку и граѓаните.

Членот на ДИК, Јанакие Витановски кажа дека дали со една или со шест изборни единици Комисијата е подготвена да спроведе избори.

– Ние сме Комисија со најмал мандат, а веќе спроведовме референдум и претседателски избори. Подготвени сме да ги организираме и овие избори. Доколку имаме една изборна единици можеби ќе би биде потребен само нов софтвер, рече тој посакувајќи решението да биде донесено со консензус.

Александар Кржаловски од МЦМС смета дека проблемот лежи во самите партии и дека со вака затрупаните над шест илјади амандамни само се покажува дека демократијата е обратно свртена.

Професорот на Правниот факултет и советник во Кабинетот на претседателот на државата, Александар Спасов, изнесе личен став дека бројот на изборни единици треба да се намали и оти треба да се запази демографската структура по региони.

На дебатата присуствуваат претставници на предлагачите на промените, претставници на помалите партии и институциите. Опозициски пратеници и претставници на ДУИ не присуствуваат.

Портпаролот на СДСМ Костадин Костадинов и координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски претходно на прес-конференции се согласија дека ваквата расправа не е деловничка. Но, според Костадинов заклучоците од оваа дебата која е надвор од деловничките правила треба да се земат предвид, но за Мицевски тие нема да бидат задолжителни ниту формални за Собранието.

Во меѓувреме во Собранието се уште се работи на архивирање на околу шест илјади амандмани поднесени за двете измени на Изборниот законик, по што ќе може да започна амандманската расправа. Извесно е дека Собранието во овој состав и пред овие предвремени парламентарни избори нема да изгласа промени на изборниот модел.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

25.12.2019 - 16:37

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега