Општина Карпош: Недозволиво е да се префрла одговорноста за смртта на жената во лифтот

Општина Карпош денеска преку соопштение изрази жалење и сочувство за смртта на 68-годишната жена во лифт во станбена зграда на улицата „Никола Парапунов“ бр.1, истовремено информирајќи дека Одлуката за одобрување финансиски средства за реконструкција на тој лифт била поништена затоа што Заедницата на сопственици на улицата не доставила Сертификат за техничка исправност на поставениот лифт.

-Секоја загуба на сограѓанин е тешка и Општина Карпош, во рамки на законските можности, се става на располагање за помош и поддршка на семејството, велат од Општина Карпош.

Согласно со Законот за домување, како што соопштува Општината, за одржување на станбената зграда, а вклучително и за состојбата на лифтовите во неа, е задолжена Заедницата на сопственици и нејзините овластени лица.

-Точно е дека со Одлука на Совет, од 12-ти јули 2016 година, беа одобрени финансиски средства за реконструкција – ремонт на лифт во колективен станбен објект на ул. „Никола Парапунов“ број 1. Притоа, беа одобрени средства во износ од 519.527,00 денари, соопштува Општината.

На 28 февруари годинава, како што се наведува во соопштението, Советот на Карпош донел одлука за поништување на Одлуката за одобрување на финансиски средства, од причина што Заедницата на сопственици на улицата „Никола Парапунов“ бр.1 од јули 2016, две и пол години не преземала активности за замена на стар со нов лифт, не доставила Сертификат за техничка исправност на поставениот лифт, што претставува услов за исплата на средства.

Упатствата и условите за исплата на средства, како што наведува Општината, ги знае и Заедницата на сопственици од улицата „Никола Парапунов“ бр. 1. Оттука, велат дека е нелогично и недозволиво да се префрла одговорноста на локалната самоуправа.

-Општина Карпош сакала да помогне за реконструкција на лифтот, донесено е и решение за исплата на средства, но за жал, не била доставена соодветната документација од страна на Заедницата на сопственици, со што, Општината и покрај подготвеноста, не можела да исплати средства, соопштуваат општинските власти.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

30.12.2019 - 14:46

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега