Филипче вели нема простор за паника од Коронавирусот

Треба да бидеме будни, но нема потреба од дигање паника. Ова го рече денеска Жихан Тавила, претседателка на Канцеларијата на Светската здравствена организација (СЗО) во Скопје, откако СЗО прогласи јавно-здравствена состојба од меѓународен ризик за коронавирусот. 

- „Ова е нов вирус и секојдневно се менуваат сознанијата. Ништо не е фиксно и секој ден учиме по нешто ново. СЗО е целосно подготвено да помогне за сè што треба. Населението треба да практикува респираторна хигиена и доколку не се чувствуваат добро, кашлаат или киваат, да се консултираат со доктор. Миењето раце е прва хигиенска мерка“, рече Тавила.

Министерот Филипче пак вели дека Македонија е подготвена за вирусот и дека нема простор за паника.

- „Денеска направивме припрема за нешто за што сè уште немаме видлив и сериозен ризик дека може да се случи кај нас, а тоа се голем број на заболени од коронавирусот, но го спремивме целокупниот здравствен систем, кадарот, во однос на инфраструктурата, во однос на опремата, во однос на точно одредување на места на кои евентуално би имало потреба да ги хоспитализираат пациентите. Сакам да кажам дека сме чекор или два напред и дека сме целосно подготвени да се справиме со овој предизвик, иако ќе повторам далеку сме од тој ризик. Сè уште важат истите мерки, на аеродромот е поставена термалната камера за патниците за Истанбул и Дубаи, ако има потреба ќе се постави и на Охридскиот аеродром, и ќе се испрати информативен материјал до полициските станици и до царината на сите гранични премини. Доколку има високо сомнителен случај ќе се консултира Центарот за јавно здравје“, рече Филипче.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

31.01.2020 - 14:37

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега