Шекеринска: Ниту еден професионален војник со навршени 45 години нема да биде оставен на цедило

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска заедно со државниот секретар Драган Николиќ и претставници од Секторот за човечки ресурси во МО и од Генералштабот денеска во Домот на Армијата имаа средба со припадници на Армијата кои оваа година го исполнуваат условот 45 години старост со што завршува нивната служба во Армијата.

Од МО соопштија дека Шекеринска упатувајќи благодарност до сите професионални војници за нивната досегашна посветеност и залагање во служба на Армијата, подвлекла дека како што 2019 година завршила со задоволство за сите припадници кои преминаа на работа во Управата за извршување санкции, така и оваа година службите во МО и во Генералштабот предводени од државниот секретар Драган Николиќ ќе најдат најдобри можни решенија за идната работна кариера.

– Како што во 2019 година ниту еден професионален војник не беше оставен на цедило, така ќе биде и оваа година. Вие и служевте на Армијата чесно и доследно, сега Армијата и државата ќе ви служат вам,  рекла министерката Шекеринска.

Државниот секретар Николиќ истакнал дека изминатиот период МО заедно со Генералштабот и со претставници на синдикатите во одбраната посветиле посебно внимание на ова суштинско и сензибилно прашање.

– Министерството и Генералштабот презедоа конкретни мерки во однос на новата формација на Армијата. Со новите измени се овозможува на одредени специфични позиции, професионалните војници кои навршиле 45 години,  да останат да работат на истите позиции во Армијата како цивилни лица, рекол Николиќ, стои во соопштението од МО.

Министерството за одбрана и Владата,  нагласил тој, прават сериозен исчекор за достојно продолжување на кариерата на професионалните војници со навршени 45 години, со особено внимание  условите  на новото работно место да бидат соодветни.

– Ниту еден војник нема да остане незадоволен, истакнал Николиќ, што било поздравено од присутните на состанокот.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

31.01.2020 - 15:27

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега