Според вештаци причина за хеликоптерската несреќа кај Струмица е неосветлениот антенски столб
Неосветлениот среднобранов антенски столб на ЈП „Македонска радидифузија“ е причината за урнувањето на полицискиот хеликоптер на 10 јули 2014 година кај Струмица, во кој загинаа четворица пилоти на МВР, сметаат вештаците Дарко Данев, професор на Машинскиот факултет во Скопје и Стојко Пејовски, пилот во АРМ.
Двајцата тоа го изјавија на денешното рочиште од судењето за хеликоптерската несреќа во Основниот суд во Струмица.
Професорот Данев смета дека техничката состојба на хеликоптерот не била причина за несреќата.
-Со исклучок на снимачот на глас, кој не работел и кој не морал да функционира, останатите, сите, елементи се уредни. Дали столбот е причина за несреќата затоа што не бил осветлен-да, рече професорот Данев.
Вештакот-пилот во АРМ, Стојко Петковски, беше дециден дека неосветлениот антенски столб е причина за несреќата.
-Главна причина за падот е неосветлениот антенски столб и тоа го тврдам со глава, рече Петковски.
Додаде дека од податоците од уредот „БУР“, кој ги бележи податоците за летот, не е забележано никакво отстапување во процедурите за летање.
Одбраната на обвинитетите со вкрстено испрашување на вештаците се осврна на процедурите и подготовките за летање на екипажот, дали пречките, каков што е антенскиот столб, биле обележани во топографските карти според кои летале пилотите, зошто еднаш се обиделе да слетат на позиција во Струмичкото поле, а потоа слетале на друга позиција во близина на Индустриската зона во Струмица, како го продолжиле летот, како и други прашања кои се однесуваа на утврдување на состојбата и самиот лет на хеликоптерот во ноќни услови.
Едно од прашањето на одбраната беше дали хеликоптерот има сила да полета вертикално и да се издигне на височина од 150 метри. Вештакот Петковски рече дека е можно, но не е дозволено во ноќни услови на летање. Додаде дека во времето на несреќата голем број од столбовите не биле означени и осветлени, за разлика од денес кога од небо се гледа вистинско „лајт шоу“ на земјата благодарение на несреќата. Потврди дека пилотите летале со топографски карти од од седумдесетите години на минатиот век, а една таква била пронајдена во урнатиот хеликоптер и на нив не биле обележани антенските столбови и други пречки.
Во овој случај се обвинети Јулијана Спировска, тогашна директорка на ЈП „Македонска радиодифузија“, Драгослав Радески, технички директор и правното лице ЈП „Македонска радиодифузија“, кои се товарат за тешки дела против општата сигурност.
Во хеликоптерот произведен 2008 година на 10 јули 2014 година пилотите на МВР- Драган Мицев, Марјан Трајкoвиќ, Тоде Орешков и Иљо Лопатички биле на ноќен лет на релација Скопје-Велес-Неготино-Валандово-Струмица-Берово-Делчево и назад и била користена опрема за ноќно летање
Во моментот на урнувањето на хеликоптерот тип МИ17, со регистарски ознаки МАР 7712, удрил во антенски столб на „Македонската радиодифузија“, а четворицата пилоти починале веднаш.
Судењето продолжува на 27 март.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа