Мицкоски: Во овој момент изборите не се прв приоритет, туку здравјето на граѓаните

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски изјави дека во денешните телефонски консултации со премиерот Оливер Спасовски и лидерите на другите партии било договорено заклучно со 22 март да бидат замрзнати сите активности поврзани со парламентарните избори на 12 април. За тоа дали ќе се одложат изборите, Мицкоски кажа дека, било договорено да се следи ситуацијата и да се носат заклучоци.

– Се разбира дека во овој момент тоа не е прв приоритет. Прв приоритет е како да се заштитат граѓаните, како да се зголеми превенцијата од ширење на корона вирус помеѓу граѓаните, да не се зголемува паниката меѓу населението, истовремено одржлива економска состојба да остане макроекономски план, а дури потоа можеме да зборуваме како трет или четврт приоритет за предвремени парламентарни избори, рече Мицкоски.

Во телефонските разговори, според него, било посочено дека ако има потреба лидерите ќе се состанат на лидерска среда и порано пред 22 март и ќе донесат заклучок како би функционирале во иднина.

Изрази надеж дека ќе се надминат партиските бои и интереси и дека ова е борба на сите нас против корона вирусот.

-Ова не е борба на ВМРО-ДПМНЕ, на СДСМ и ова не е момент кога треба да разговараме за партиски интереси. Ова е национална борба против она што денеска се случува и е реалност во нашата држава така што и јас ве повикувам и ги повикувам сите во државата кои што чувствуваат потреба, кои што се загрижени, кои што имаат каква било идеја или предлог, доколку не ги слушаат во Владата, да дојдат во ВМРО-ДПМНЕ да го сторат тоа и ние ќе се обидеме на начин на кој што го знаеме сето тоа да го имплементираме, рече Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ го повтори ставот дека сега нема да зборува за одговорност, туку дека сега треба да зборуваме за лојалност кон државата, кон граѓаните и како политичари да покажат надпартиски интерес и да се вклучат во првата линија на одбрана на здравјето на граѓаните.

-За одговорност нема да зборувам ниту пак имам намера да зборувам. Кога ќе се надмине цела оваа ситуација тогаш ќе зборуваме за одговорност, и кој профитираше и зошто профитираше и ќе покажеме докази. Сега ниту имам намера ниту пак ќе слушнете од мене одговорност кон кого било, ниту за Филипче, ниту кон Оливер Спасовски, ниту кон Зоран Заев, ниту кон кој било друг. Сега треба сите рамо до рамо да застанеме, да се вклучиме во првите линии на одбрана на здравјето на граѓаните. Тоа е пред се и над се. Другото ќе го зборуваме откако сето ова ќе заврши. Затоа и кажав дека во овој момент не сакам да зборувам дали има логика за одржување на предвремени парламентарни избори, истакна Мицкоски.

ВМРО-ДПМНЕ во моментот нема изборна кампања, вели тој, додавајќи дека сега сите активности поврзани со кампањата се трет и четврт план.

-Во прв план е макроекономската стабилност, здравјето на граѓаните и борбата со корона вирусот, рече Мицкоски.

Тој исто така кажа и дека опозициската партија предложила мерки за справување со короната но оти никој од Владата не ги исконтактирал за консултација. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

14.03.2020 - 14:43

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега