Четворица Македонци „заробени“ цело деноноќие - Хрватските власти не ги пуштаат да ја преминат границата

Две момчиња и две девојки на возраст од 26 до 28 години се заглавени на словенечко-хрватската граница на граничниот премин Мачељ, пренесува Фактор.

Ова за Фактор го тврди мајката на една од девојките, која не знае дали и кога ќе биде решен проблемот на нивните деца заглавени на границата.

Инаку, четворицата се враќаат од Австрија, каде минатиот петок заминале на зимување, во областа Тирол, на Алпите. 

Иако размислувале дали воопшто да заминат на патувањето, поради се покомплицираната состојба со ширењето на коронавирусот, со оглед што имале уплатено, одлучиле сепак да одат, дотолку повеќе што Австрија не важи за држава со висок ризик.

Според кажувањето на мајката вчера, нешто пред 14 часот, со сопствениот автомобил со кој патувале, ја поминале австриско-словенечката граница, но кога во 15 часот дошле на словенечко-хрватската граница, таму не биле пуштени од хрватските власти. Нивното образложение, како што објаснува мајката, било дека дури и да бидат пропуштени на оваа граница, потоа нема да им биде дозволено да влезат во Србија, односно да ја поминат хрватско-српската граница. 

Оттогаш па се досега, цели 23 часа младите луѓе се буквално заглавени на словенечко-хрватската граница, каде што всушност биле принудени да ја поминат и целата мината ноќ.

„Децата се потполно здрави, немаат никакви симптоми. Не разбирам зошто би било проблем доколку ја поминат територијата на Хрватска, со оглед што ќе патуваат во затворено возило“, вели мајката.

Родителите на децата се јавиле во нашето Министерство за надворешни работи, од каде им рекле да им испратат мејл, во кој би биле наведени конкретни податоци на младите луѓе, но и потпишани изјави со гаранции од родителите дека веднаш штом ќе пристигнат во земјава, ќе бидат две недели во самоизолација. Мејловите веднаш биле испратени, а одговорот од МНР е дека утре ќе се преземат конкретни официјални мерки за да се надмине проблемот, а веќе од денеска се преземаат сите можни чекори за овие граѓани да можат да ја поминат границата.

„Разговаравме и со македонскиот амбасадор во Словенија, и тој ни рече дека децата можат да дојдат до македонската амбасада во Љубљана, но тој нема конкретни насоки што понатаму да се преземе, бидејќи се уште нема прецизна координација, што во вакви случаеви, меѓу министерствата за надворешни работи на Словенија, Хрватска, Србија и Македонија“, објаснува мајката.

Родителите разговарале и со нивни роднини во Хрватска, кои се подготвени да дојдат и да ги земат младите луѓе и таму да им обезбедат сместување, но не знаат дали воопшто би биле пуштени на територијата на таа држава.

Од друга страна, мајката тврди дека младите македонски државјани виделе како на истиот граничен премин биле пропуштени македонски автобуси на извесна гостиварска агенција. Не им е јасно зошто за нив се прави проблем да поминат.

Родителите ги алармираат медиумите во надеж дека веста ќе ја пренесат и други медиуми од регионот и од Хрватска, и ќе се најде решение за проблемот, односно децата ќе бидат пуштени да се вратат во своите домови во земјава.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

15.03.2020 - 14:36

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега