Мицкоски побарал - Пендаровски прифатил: Утре претпладне лидерска за одложување на изборите

Утре во претпладневните часови ќе се одржи лидерска средба за одложување на изборите. Високи извори од ВМРО-ДПМНЕ за Press24 потврдуваат дека претпладнево опозицискиот лидер Христијан Мицкоски остварил телефонски разговор со Претседателот Стево Пендаровски во кој го информирал за иницијативата за свикување на лидерска средба на која ќе се разговара за одложување на изборите поради епидемијата на корона вирусот.

Истите извори за Press24 брифираат дека Пендаровски се согласил и најавил дека лидерската средба ќе ја закаже утре во претпладневните часови.

Опозицискиот лидер Мицкоски претпладнево својата иницијатива ја сподели и на социјалните мрежи коментирајќи дека здравјето на граѓаните е многу поважно од одржувањето на изборите.

„Во овие кризни моменти ова е ситуација кога човек одбира помеѓу личниот и интересот на државата и ова го велам од причина што сосема е извесно дека ВМРО-ДПМНЕ ќе победи на изборите со убедлива разлика, но воедно одржувањето на избори ќе значи и изложување на илјадници граѓани, поточно над еден милион луѓе под директен ризик за нивното здравје и ширење на корона вирусот.

Јас во овие моменти го одбирам, без трошка колебање интересот на државата и граѓаните, и затоа денес ќе побарам свикување на лидерска средба кај претседателот Стево Пендаровски со точка на дневен ред разговор одлагање на превдремените парламентарни избори со цел заштита на здравјето на граѓаните. Потребно е одговорно однесување, кон граѓаните и државата. Нема ниту една разумна, и ниту една човечка, рационална, и прагматична причина тие да не се одложат, бидејќи за мене, а верувам и на останатите, борба за власт по цена на животите на граѓаните е неприфатливо.“ - напиша Мицкоски на социјалните мрежи.

И Претседателот Пендаровски веќе излезе со став дека треба да се размислува за одложување на изборите а таква порака вчера стигна и од Државната изборна комисија.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

16.03.2020 - 12:16

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега