Јанкуловска: Граѓаните се повеќе и веруваат на полицијата

Во Македонија денеска се одбележува 7 Мај - Денот на полицијата и безбедноста и Денот на баталјонот на воената  полиција.

Јанкулоска им го честита Денот на полицијата на сите полициски службеници и вработени во МВР и им се заблагодари на чесноста, посветеноста и професионализмот со кој што ги извршуваат своите задачи. 

- Пожртвуваноста, хуманоста и патриотизмот, кои секојдневно ги демонстрираа изминатата година, не направија горди нас, нивните семејства и сите граѓани на Репблика Македонија. Затоа денеска со право им се поклонуваме на сите починати херои кои ги жртвуваа своите животи за мирот и безбедноста на Република Македонија. Денеска со право им оддаваме почит и на оние кои го продолжуваат нивното дело и кои го чуваат и надградуваат угледот на униформата што ја носат, изјави Јанкулоска.

Според Јанкулоска, посветената и професионална работа на полицијата беше препознаена од страна на ЕК која ни даде позитивна оценка и препорака за почнување на преговори во ланскиот извештај, но и во рамки на извештајот од претпристапниот дијалогот на високо ниво, а уште еднаш земјава беше добро рангирана и во извештајот на Транспаренси интернешнл за борба против корупцијата.

- Тоа што секако е за посебно издвојување е најпозитивниот извештај во изминативе 10 години изготвен од ОБСЕ, кој се објавува на секои две години. Истражувањето од агенцијата Прогрес за нас беше особено значајно и поради тоа што истото го сондираше мислењето на нашите граѓани, оние за кои ние работиме. Тоа што мене и на моите колеги ни даде најголемо признание за сработеното, но и огромен поттик, беше искажаната доверба на граѓаните во полицијата. Речиси две третини од испитаниците одговорија дека и веруваат и ја почитуваат полицијата во нивните средини што е далеку над европскиот просек од 42 отсто од граѓаните кои и веруваат на полицијата. Исто така огромен мотив за напредок беше и мислењето на преку 80 проценти од граѓаните кои сметаат дека полицијата може да даде поддршка секогаш кога треба, што укажува дека тие се чувствуваат безбедно бидејќи знаат дека може да сметаат на нас, истакна министерката за внатрешни работи.

- Во изминативе 365 дена полицијата постапуваше по 26 убиства, стапка која е најниско ниво од самостојноста на Република Македонија, а регистрирани се и 20 отсто помалку разбојништва. Во делот на шверцот со наркотици вреди да се истакне дека двојно беа зголемени заедничките операции во кои беа откриени меѓународни канали за криумчарење дрога. Продолжија Операциите „Босфор“ и „Диригент“, а беше запленета дрога тешка околу еден тон вредна над 25 милиони евра. Во делот на економскиот криминалитет беа регистрирани 704 дела за кои беа пријавени 1.129 сторители, изјави таа.

Минатата година полицијата, според Јанкулоска, се соочи и со критични ситуации кои ја потврдија присебноста и професионализмот на полициските службеници.

- На 24 декември полициските службеници беа омаловажувани и изложени на агресија пред законодавниот дом, но не дозволија да бидат вовлечени во насилни сценарија. Во Полициската станица Штип беа напаѓани, туркани и навредувани и повторно не потклекнаа на провокациите.  Се обидоа да ги деградираат припадниците на безбедносните сили, враќањето на Јохан Тарчуловски, а деновиве повторно го актуелизираат и рушењето и дислоцирањето на спомениците на сите бранители и херои на Македонија. Не можат да сфатат дека сите кои ја носат полициската униформа вложија по нешто во мирот и безбедноста на Република Македонија, а некои дадоа се. Тие херои не заслужуваат таков однос, изјави министерката за внатрешни работи.  

- Една од најобемните задачи која заслужува и мора да биде издвоена е улогата на Министерството во изборниот процес. Уште еднаш сакам да нагласам дека огромно признание заслужуваат сите полициски службеници кои учествуваа и во обезбедувањето на локалните избори. Со својот професионален ангажман не дозволија вољата на граѓаните да биде узурпирана, разобличувајќи ги сите манипулации и обиди за фрлање дамка врз изборите. Резултатот на огромното залагање беше оцената дека имавме фер, демократски, конкурентни и ефикасно спроведени избори на кои победија граѓаните, изјави Јанкулоска.

најчитано сега