Мурати: Уставниот суд утре ќе одлучува дали ќе отвори постапка за одлуката за распуштање на Собранието

Претседателот на Уставниот суд на Република Македонија, Сали Мурати во интервју за МИА најавува дека утре, по завршувањето на седницата, на работен состанок ќе се расправа по предлогот на судијата Осман Кадриу за поведување постапка по службена должност за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за распуштање на Собранието.

– Дневниот ред за седницата која треба да се одржи оваа среда (6 мај) е објавен јавно, при што во точката 1 од делот од кој се однесува на оценување на уставност и законитост е предвидено разгледување на точката 4 од Одлуката за утврдување на постоење на вонредната состојба број 08-526/2 од 18 март 2020 година („Службен весник на Република  Македонија“ бр.68/2020), донесена од Претседателот на Република Македонија.

Мурати вели дека по однос на Одлуката за распуштање на Собранието („Службен весник на Република Македонија“ бр. 43/2020), во моментот нема оформен предмет за оценување нејзина уставност и законитост, но понатамошното постапување на Судот по ова прашање ќе зависи од ставот што ќе го заземат уставните судии на утрешниот работен состанок.

Судот, претходно во предметот У.бр.40/2020, на седницата одржана на 8 и 15 април 2020 година, со мнозинство гласови одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оваа одлука. Но, минатиот четврток (30 април), од страна на судијата Осман Кадриу е доставен предлог за поведување постапка по службена должност за оценување на уставноста и законитоста на истата одлука, поради што за утре е закажан работен состанок на судиите.

Ако судиите одлучат да се поведе постапка по службена должност, ќе биде оформен посебен предмет кој ќе биде доделен во работа на судија-известител и државен советник, кои по завршувањето на претходната постапка, треба да достават работен материјал за седница (реферат) со содржан предлог за одлучување што ќе биде разгледан на седница на Судот.

Секако, истакнува претседателот на Уставниот суд, тоа е хипотетички не значи однапред прејудицирање на таква одлука, која треба да биде донесена по претходна расправа за ова прашање.

Пред уставните судии утре треба да се најде и одлуката на шефот на државата Стево Пендаровски за прогласување вонредна состојба.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

05.05.2020 - 07:59

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега