Уште едно лице заразено со коронавирус во Велес

 Во изминатите 24 часа според информацијата од ЈЗУ Центар за јавно здравје во Велес има еден ново регистриран заболен со Ковид-19, со што бројката на досега регистрирани заболени се искачи на 126, информира градоначалникот Аце Коцевски на денешната прес-конференција.

За новорегистрираниот, како што кажа, брис бил земен во болница во Скопје, а не во Центарот за јавно здравје во Велес.

Тој информира дека од вкупниот број досега се оздравени 65, 53 се активни, 25 болни се на домашно лекување, 22 пациенти со Ковид-19 се на лекување во Инфективното одделение при велешката Општа болница, а шестмина велешани се хоспитализирани на Инфективната клиника во Скопје.

На новинарско прашање за состојбата со Ковид-19 во градот и постојаниот пораст на новозаболени, градоначалникот Коцевски рече дека ваквата состојба во градот ќе потрае подолго време заради тоа што Велес е град во центарот на државата во близина на Скопје и голем дел на велешани патуваат на работа и други потреби  до Скопје и други градови поради што се многу подложни на пренесување на инфекцијата од другите градови.

-Последните заболени всушност ни се увезени преку вработен во Единицата за брзо распоредување на МВР, има и  преку „Ван Хол“. Се сеќавате како дојде инфекцијата  од Кавадарци, потоа кај велешенец што бил на  погреб во Куманово. Тоа за жал не можеме да го избегнеме заради нашата местоположба. Но, сепак  добро е што бројката се движи во тие граници и што епидемиолозите од Центарот за јавно здравје точно ги дефинираат кластерите и засега успеваат да ја држат состојбата под контрола, оцени Коцевски.

Тој воедно информира дека во понеделникот состанок одржа специјално формираната работна група составена од претставници од Центарот за јавно здравје, епидемиолози од другите здравствени институции и инспекциски органи, претставници од МВР и ЈКП „Дервен“, кои заради ваквата состојба одлучиле  дека се уште не се созреани условите за пуштање на Малото пазарче во Нова Населба во Велес, кое  е од затворен карактер.

-Исто така со МВР преземавме мерки да не се продаваат земјоделски производи  од комбиња на улицата „11 Октомври“ пред Малото пазарче“. За Главниот Градски пазар во Велес одлучивме од овој  петок да се овозможи продажба и на текстил и други непрехранбени производи, но сето тоа да функционира наизменично едни па други, за да не се создава гужва. Воедно го ангажиравме  и ЈКП „Дервен“ да обезбеди и агенции за обезбедување и на влезовите, но и внатре во пазарот, за да контролираат дали купувачите и продавачите носат заштитни маски и дали се придржуваат на превентивните  мерки од Владата, појасни Коцевски.

Тој потсети дека Градскиот зелен пазар во Велес со вонредната состојба во земјава функционира секој ден од понеделник до недела од 7 до 14 часот, затоа апелираше граѓаните да купуваат секој ден, а не само во поранешните пазарни денови вторник, петок и недела, за да се избегнат гужвите на градскиот пазар.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

20.05.2020 - 17:20

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега