Ескобар: САД се надеваат дека Скопје и Тирана ќе ги започнат преговорите со ЕУ оваа година
Американскиот заменик-помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања Габриел Ескобар на онлајн средба со бугарските медиуми изјави дека САД се надеваат оти Северна Македонија и Албанија ќе ги започнат преговорите за членство со ЕУ во текот на оваа година.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, Ескобар нагласи дека САД се убедени оти Северна Македонија и Албанија направија важни, понекогаш и болни реформи, за да се придвижат кон членството во Европската унија.
Затоа, според него, двете држави заслужуваат преговорите да ги започнат што е можно поскоро.
– Се надевам дека сите европски држави ќе ја разберат стратешката важност од тоа да им дозволат на овие две држави да ги започнат преговорите за членство. Се надевам дека Европската унија, како и одделните земји членки, ќе ја осознаат стратешката важност на европската интеграција на балканските држави, порача Ескобар.
Тој ја коментираше и ситуацијата во Босна и Херцеговина, при што предупреди дека заканите на босанските Срби за отцепување од БиХ претставуваат прекршување на Дејтонскиот мировен договор и тоа само ќе ги доведе до „изолација и економски очај“.
Ескобар нагласи и дека САД остануваат силно посветени на зачувување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа