„Летечкиот Македонец“ уште еднаш ќе го освојува Водно
Македонскиот автомобилист Игор Стефановски Иџе, познат уште и по прекарот „Летечкиот Македонец“, претставувајќи го својот нов тркачки автомобил го најави настапот на трката која викендов ќе се одржи на „Водно“. Целта на Стефановски е да го собори постоечкиот рекорд од 2 минути 12 секунди и 14 стотинки.
На „Водно 2013“ Игор ќе се соочи со конкуренција од преку 30 натпреварувачи.
- Изминативе неколку успешни настапи на меѓународната сцена ми даваат за право да се надевам на успех и на оваа трка. Новиот автомобил е мојот адут, но истовремено и предизвик. Нашиот прв заеднички настап помина одлично, и сум презадоволен од тоа како тој се однесуваше на патеката во Рекберг, изјави Стефановски на денешната прес-конференција.
- Настапивме на овој Куп на безбедност на патиштата 2013 зошто ја обезбедува најдобрата комбинација на возбудливи натпреварувања и претставува основа, реална шанса, да се нападне шампионатот. Овие натпревари се стриктно контролирани од страна на ФИА, така што се обезбедуваат највисоки стандарди за ваков вид натпреварувања, објасни Иџе.
ФОТО: Автоплус