Мирисот на женските солзи ги омекнува мажите

 

Мирисот на женските солзи влијае на однесувањето на мажите. Ако намирисаат одредена супстанца во солзите, нивната агресивност се намалува, покажува научна студија.

Кога жените плачат, тоа предизвикува нешто во машкиот мозок. И тоа не поради емоциите зад плачењето, туку поради мирисот што го содржат солзите.

Израелските научници откриле дека агресивното расположение на мажите се намалува за дури 44 отсто откако ќе го почувствуваат мирисот на женските солзи. Во една студија објавена во списанието „PLOS Biology“, научниците откриле дека мирисот на солзите влијае на промената на активноста во деловите на мозокот кои ги поврзуваат сетилото за мирис и агресијата.

Солзите содржат сигнални материи

Сите ‘рбетници произведуваат солзи, бидејќи тие играат важна улога за здравјето на очите. Тие се користат, на пример, за исфрлање на честички од нечистотија од очите. И не само тоа: студиите спроведени на цицачи покажаа дека солзите содржат сигнални молекули кои имаат силно влијание врз други животни од истиот вид.

Солзите на машките глодари имаат таков ефект врз женките што ги прават поприемливи за парење. Слепите кртици испуштаат солзи за да ја смират агресијата на нивните доминантни мажјаци. Солзите на женските глувци содржат супстанции кои ги одвраќаат машките глувци од борба, а солзите на младенчињата стаорци помагаат да се намали агресијата кај другите животни кога се чувствуваат загрозени. Затоа, леењето солзи може да биде исклучително ефикасна одбранбена стратегија.

Солзите имаат влијание и врз однесувањето на луѓето

Истиот принцип очигледно важи и за луѓето. Во студијата, научниците успеале да расплачат шест жени на возраст од 22 до 25 години, прикажувајќи им тажни филмови. Нивните солзи потоа биле собрани во мали епрувети, кои ги мириснале машките учесници во студијата.

Мажите дишеле мирис на солзи додека играле видео игра дизајнирана да предизвика агресија. Во дополнителен експеримент, со помош на магнетна резонанца (MRT), била измерена мозочната активност.

Мажите кои мирисале вистински женски солзи покажале 43,7 отсто помалку агресивно однесување од оние кои мирисале контролен раствор без солзи. Скенирањето на мозокот со магнетна резонанца покажало дека мирисот на женските солзи ја намалува активноста на мозокот во областите поврзани со агресија.

„Покажавме дека солзите ги активираат рецепторите за мирис и ги менуваат мозочните кола поврзани со агресијата. Така, агресивното однесување е значително намалено“, вели водечкиот автор на студијата Ноам Собел од израелскиот институт Вајцман.

Авторите исто така успеале да докажат дека кај мажите кои мирисале емотивни женски солзи, нивото на тестостерон им се намалувало, како и нивната сексуална возбуда.

Солзите често се неопходни за преживување

Авторите на студијата веруваат дека дејството на солзите може да игра важна улога во невербалната комуникација, на пример, кај бебињата.

-Доенчињата не можат да зборуваат, па потпирањето на такви сигнали може да биде клучно за нив да се заштитат од агресија, се вели во студијата.

Резултатите од студијата сега треба да се прошират подетално.

-Веќе знаевме дека мирисот на солзи го намалува нивото на тестостерон кај мажите и дека намалувањето на тестостеронот има поголем ефект врз агресивното однесување кај мажите отколку кај жените“, истакнуваат авторите. „Сега треба да го прошириме нашето истражување на жените, за да добиеме посеопфатна слика.

25.01.2024 - 22:24

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега