„Денови на хрватскиот филм“ во Битола

Националната установа Центар за култура во соработка со Кинотека на Македонија и Кинотека на Хрватска од денеска до 22 мај ќе биде домаќин на манифестацијата „Денови на хрватскиот филм“.

Манифестацијата ќе почне со проекција на култниот филм „Македонскиот дел од пеколот“, а на свеченото отворање ќе присуствуваат директорката на Кинотека на Македонија Мими Ѓоргоска–Илиевска и директорката на Кинотека на Хрватска Кармен Лотка, информираат од НУ Центар за култура-Битола.

- Продолжуваме со месецот на европската кинематографија во битолскиот Центар за култура. По завршувањето на проекциите од италијанската кинематографија со манифестацијата „Прозорец кон италијанскиот филм“, и со реализација на циклусот „Војна и мир“ во руските филмови, вечер продолжуваме со филмскиот циклус на хрватските режисери Ватрослав Мимица и Бранко Бауер, а во рамки на манифестацијата „Денови на хрватскиот филм“, истакна Борче Димитровски, директор на НУ Центар за култура-Битола.

Во периодот до 22 мај во арт-киното во Битола ќе бидат прикажани и филмовите „Хранетиот“, „Каја ќе те убијам“, „Прометеј од островот Вишевица“, „Лице в лице“, „Не свртувај се сине“ и „Три Ани“, а влезот за следење на секоја проекција е бесплатен, потврдуваа од оваа национална установа.

- Нашата следна амбиција е големата сала на НУ Центар за култура во Битола по инсталирањето на новата опрема за филмски проекции да функционира и да понуди 365 дена кино претстави со најголемите Холивудски филмски остварувања, за што ќе извршиме и ребрендирање на фоајето, потврди Димитровски. 

најчитано сега