НУРЕДИНИ: Фокусот на оваа Влада е насочен кон обновливи извори енергија, вклучително кон искористување на соларната енергија

Можностите за инвестиции во соларна енергија во урбанизираниот простор во нашата држава, како и постапките и предизвиците во процесот на инвестирање во фотоволтаична централа наменета за продажба на електрична енергија, беа тема на форумот насловен „Наше сонце, наша енергија, наши инвестиции“, што во организација на ПроКредит Банка, се одржа денес во Скопје.

Во своето воведно обраќање, министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, ја поздрави иницијативата за одржување на овој форум на кој дискутираа претставниците на државните институции со претставниците на бизнис заедницата за постапките и предизвиците во процесот на инвестирање во фотоволтаични централи за продажба на електрична енергија, при што нагласи дека скратувањето на целиот процес за обазбедување на потребна документација, градба и ставање во функција на инсталацијата е главниот предизвик и за институциите и за инвеститорите.

Министерот Нуредини нагласи дека Република Северна Македонија како држава-кандидат за членство во Европската Унија вложи напори за интергирање на енергетските и климатските политики и усвои низа документи со кои се препозна потребата од обезбедување енергетска сигурност при одржливи, еколошки прифатливи услови и со цени кои не го забавуваат економскиот развој и кои не го загрозуваат животниот стандард на граѓаните.

Според него, енергетската сигурност не може да се разгледува без да се земат  предвид долгорочните сценарија од промените на климата и нашата определба кон зелената агенда.

- Знаејќи го влијанието на климатските промени врз водните ресурси,  со политиките на оваа Влада фокусот се насочи кон соларната енергија со која изобилуваме. Овие мерки се проектирани во националните енергетски стратегии, интергрираниот план за енергија и клима, како и во Националнот придонес кон Договорот од Париз и Долгорочната Стратегија за климатска акција со акциски план, каде се обврзавме и на редукција на емисиите на стакленички гасови кон меѓународната заедница – рече тој.

На настанот беше презентирана Државната програма за поддршка на инвестиции во соларна енергија и чекорите за добивање на неопходните дозволи, беше објаснет процесот на градење на фотоволтаични централи, соодветната технологија и искуствата на пазарот, а беше разгледана и постапката за добивање на лиценца за производство и продажба на електрична енергија од обновливи извори и алтернативите за продажба на електричната енергија на слободниот пазар.

Учество на форумот, освен од Министерството за животна средина и просторно планирање, земаа и претставници од Министерството за eкономија, Министерството за транспорт и врски, као и претставници од компании заинтересирани за вклучување во програми и проекти за производство на енергија од обновливи извори.

20.04.2022 - 13:28

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега