Нуредини: Природните ресурси не се неисцрпни

„Медена земја“ е приказна за главната хероина Атиџе Муратова која пренесува една длабока, исконска мудрост за односот меѓу човекот и прородата. Филмот го видоа илјадници луѓе ширум светот, но ние сметаме дека овие пораки треба да стигнат до нашите најмлади, бидејќи од особена важност е нивното образование и воспитување да обезбеди да растат во хармонија со природата и да ги почитуваат основните принципи на интеракција со неа. Задача на нас постарите е да им покажаме како, истакна министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини.

Тој, на денешната промоција на едукативниот пакет „Медена Земја“ во „Даут – пашин амам“, нагласи дека исконската филозофија на Атиџе дека даровите на природата треба да се делат – „половина мед за мене, половина за пчелите“, не потсетува дека природните ресурси не се неисцрпни и дека природата ќе се грижи за нас, онолку колку што ние ќе се грижиме за неа.

– Токму затоа МЖСПП во соработка со МОН и Бирото за образование и наука, а со финансиска поддршка на Швајцарската амбасада, преку програмата за зачувување на природата ги ангажираше творците на „Медена земја“ да ги прилагодат пораките на едукативен пакет за деца од 10 до 14 години. Се надевам дека преку интересната илустрирана приказна и интерактивните игри ќе успееме на нашите најмлади да им ги пренесеме модростите и љубовта на оваа исклучителна личност и кон природата и кон луѓето. Уште еднаш да се заблагодарам на сите коишто го дадоа својот ангажман за развивање на едукативнот пакет, кој го смислија, изработија и вклучија во наставниот процес. На крајот на краиштата децата се оние кои ќе не опоменат ако не преземеме никаква акција, заклучи Нуредини.

На настанот беа претставени елементите од едукативниот пакет „Медена земја“, во чии содржини се имплементирани клучните пораки од документарниот филм „Медена земја“, кој е наменет за учениците од основните училишта во Република Северна Македонија.

29.03.2022 - 18:41

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега