Очекувања: Самитот ЕУ-Западен Балкан да даде јасна порака за придвижување на процесот на проширување

Во пресрет на Самитот ЕУ-Западен Балкан идната седмица во Словенија, очекувањата се дека на самитот ќе биде дадена јасна порака за придвижување кон напред на процесот на проширување. Посетите на Скопје на претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен и на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји се оценети како силен сигнал дека ЕУ напорно работи за изнаоѓање решение со Бугарија, со цел Северна Македонија официјално да ги отпочне преговорите што е можно поскоро.

– Желбата е и на Западен Балкан и на ЕУ, конечно да направиме поместување во овој процес и соодветниот наратив на форумот, што ќе се одржи во Словенија, навистина ќе биде многу важна порака што треба да стигне до граѓаните и институциите во сите земји од Западен Балкан, но и кај земјите членки. Ги следите дискусиите во ЕУ. Нема дилеми за стратешката поставеност на Западен Балкан, на ЕУ кон процесот на интеграции на Западен Балкан и затоа е многу важно по одредена видлива пауза, кои конкретни чекори ќе бидат прифатени, изјави вчера премиерот Зоран Заев на Форумот на граѓанско општество на Западен Балкан – Скопје, организиран од Економскиот економски и социјален комитет.

Заев ги оцени како позитивни средбите со Вархеји, посочувајќи дека нема никаква двосмисленост или нејаснотија во желбата на сите 27 земји членки за идната интеграција на Западен Балкан во ЕУ и тоа, како што рече, ни беше појаснето и од претседателката на ЕК Фон дер Лајен.

Премиерот рече дека разговарале и за Самитот ЕУ-Западен Балкан во Словенија и соодветното поставување на лидерите од Западен Балкан во пресрет на форумот, а една од темите на средбата било и прашањето со Бугарија. – Прво доаѓа охрабрувањето на тимовите меѓу министерствата за надворешни работи да продолжат во духот на изнаоѓање на прифатливо решение. Напорите, кои што ги прави еврокомесарот Вархеји и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, секако претходниот ден охрабрени од претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен, се тие пораки кои што беа испратени – до крајот на годината, односно од 14 до 17 декември кога е Советот на Европа, да имаме позитивно решение. Дотогаш треба да работиме сите страни, пред се Северна Македонија и Бугарија, но и ЕУ, за да ја постигнеме целта, изјави Заев.

Toj потсети дека сите земји-членки на ЕУ ја прифатија одлуката на ЕК од март 2020 година и се согласија дека интегрирањето на партнерите од Западен Балкан во ЕУ претставува геостратешка инвестиција во мирот, стабилноста, безбедноста и економскиот раст на целиот континент и дека ЗБ е составен дел на Европа и геостратешки приоритет за ЕУ. За жал, истакна Заев, Бугарија ја блокираше оваа одлука и таа блокада е сѐ уште активна и изрази надеж дека на 6 октомври во Словенија ќе бидат направени потребните чекори за деблокирање на проширувањето на ЕУ.

Заев истакна и дека напредокот во ЕУ интеграциите првенствено треба да зависи од домашните реформи врзани со поглавјата, законодавството на ЕУ и постигнување на европските стандарди, а ние, во духот европските добрососедски односи, ќе ги интензивираме разговорите со Бугарија со искрена волја да правиме чекори поблиску до решение за нашите билатерални прашања.

– Проширувањето отсекогаш носело силни мислења и многу емоции, многу оптимизам и екстремен песимизам во исто време. Пред се за да се има успех во проширувањето треба посветеност. Тоа е геостратешка инвестиција во мирот, сигурноста, стабилноста и економскиот раст. Патот до ЕУ како што знаеме е долг и комплициран и полн со предизвици, но за мене нема сомнение дека Западен Балкан е целосно посветен на тоа да стане дел од ЕУ и затоа ние се трудиме најмногу што можеме тоа да се случи, нагласи еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји во виртуелното обраќање на Форумот во Скопје.

Тој подвлече дека граѓаните во регионот силно ја поддржуваат неговата целосната интеграција во ЕУ. – И не само затоа што тоа е политички приоритет за политичките елити во овие земји, тука исто така тоа е рефлексија на мислењето на граѓаните на Западен Балкан, кои силно ја поддржуваат целосната интеграција на регионот во ЕУ, истакна Вархеји.

01.10.2021 - 08:26

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега