Османи: Прво формирање Влада па средба со Петков

Шефот на дипломатијата, Бујар Османи вели дека прво треба да се формира Владата во Собранието, а дури потоа ќе следи средба со бугарскиот премиер Кирил Петков.

-Точно е дека предвидувам интензивирање на комуникацијата уште во првите денови и недели од оваа година. Сепак, треба да се изгласа новата влада во Собранието за потоа да може формално да се остварат средби на идниот премиер па и на претставниците на Владата. Меѓутоа, ние во меѓувреме ќе работиме во подготвителните, односно ќе имаме подготвителни активности за остварување на тие активности веднаш после формирањето на новата влада, рече Османи одговарајќи на новинарско прашање.

Според него, целта на средбата е враќање на односите во еден нормален, европски, евроинтеграциски колосек и враќање на довербата во надминување на спорот со Софија.

Прашан за бугарската декларација, тој рече дека е внатрешно прашање на Бугарија.

-Нас ни е важен нашиот билатерален однос со Р. Бугарија и ставот на Р. Бугарија во рамки на Советот на ЕУ во однос на почетокот на преговорите. Мислам дека сега е најважно да се вратиме на европскиот и евроинтеграцискиот колосек. Р. Бугарија пред два дена одбележа 15 години на своето членство во ЕУ. Во целиот овој период се профилираше како земја поддржувач на проширувањето. Тоа е поради фактот што тоа е национален интерес на Р Бугарија, но и стратешки и геополитички интерес на ЕУ, рече Османи.

Според него, проширувањето на Унијата не било само интерес на земјите кандидати, туку било и стратешко геополитичко прашање за ЕУ.

-И оттука, очекуваме во рамки на таа визија да ги продолжиме разговорите, бидејќи и нашите односи ќе го добијат својот вистински потенцијал доколку се остваруваат во рамки на евроинтеграциските аспирации, односно амбиции на регионот. Очекуваме конструктивни разговори со новата Влада во Р Бугарија, враќање на довербата, разговор по однос на суштинските прашања коишто ги имаме на маса и брзо деблокирање на процесот. И тоа е за нас најважно, рече Османи.

03.01.2022 - 10:53

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега