Панова: Ковачевски е единствениот кој што не отишол на политичка дебата

 

„Денес, пос повеќе од петнаесетина дена, повторно расправаме за нови кадровски решенија, кадровски решенија што не ги избрал премиерот бидејќи не кажа ниту еден збор за нив. Заменик-министрите Тирон Јајага, Викторија Аврамовска, Вјолца Бериша, Маја Манолева, Агим Нухиу и, да, Ковачевски зборуваше за сè, само за заменик-министрите – не. Ова е прв премиер во историјата на оваа држава кој повеќе зборува за опозицијата отколку за себе, за своите визии, за тоа зошто ги избрал овие кадри или за проблемите со кои се соочуваат граѓаните“, рече пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Ели Панова.

Панова истакна дека премиерот Ковачевски не сака да зборува за многу клучни теми и проблеми со кои се соочуваат граѓаните.

„Премиерот не сака да зборува ниту за непотизмот што се случува, впрочем, со некои од овие имиња, премиерот не сака да зборува за скандалите што ја тресат македонската јавност, премиерот не сака да зборува за дуќаните на дуќанџијата Груби, не сака да зборува за ветингот што го ветуваа, за никакви реформи, премиерот не сака да каже за лебот, впрочем, да каже зошто граѓаните немаат леб, не сака да зборува ниту за своите спонзорирани објави, не сака да зборува ниту за бомбите што секојдневно се најавуваат во училиштата повеќе од половина година, не сака да зборува ниту за учениците, кои немаат континуирана настава, не сака да зборува за учебниците што учениците ги немаат. Тој е единствениот што не отишол на политичка дебата“, рече Панова.

Панова додаде и дека премиерот Ковачевски треба да собере храброст и да зборува за проблемите со кои се соочуваат граѓаните, бидејќи тие теми се многу важни за нив, и му посочи дека со спонзорирани објави нема да може да ја стекне довербата кај граѓаните бидејќи тие ниту го избрале ниту, пак, ќе го изберат во иднина.

„Премиерот не сака да зборува за земјоделците, кои се незадоволни, не сака да зборува за ФЗОМ и за проблемот што го имаат таму вработените и сите граѓани, не сака да зборува ниту за судството, за непотизмот во судството, премиерот не сака да зборува за многу клучни теми, а очекува поддршка од пратениците. Овие теми се многу важни за граѓаните, најдете храброст, излезете, со спонзорирани објави нема да можете да ја стекнете довербата кај граѓаните. Тие ниту ве избрале ниту ќе ве изберат. Вакво арогантно однесување не му прилега на еден премиер“, нагласи Панова.

02.03.2023 - 14:56

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега