Пендаровски се сретна со Филипче, Ангелов и со Ѓурчиновски: Неопходна целосна координација на сите надлежни институции

Претседателот на државата Стево Пендаровски денеска ги прими министерот за здравство, Венко Филипче, началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.

На средбата, соопштија од Кабинетот на Пендаровски, се размениле информации за актуелната ситуација со Ковид-19 и мерките и активностите на надлежните органи за сузбивање на пандемијата.

Министерот Филипче информирал за моменталната состојба на заболени и починати од коронавирусот, за расположливите капацитети и ресурси, како и за проекциите за функционирање на здравствениот систем во државата во следниот период. Тој ги образложил најновите одлуки на Владата за прифаќање на препораките на Комисијата за заразни болести за дополнителни рестриктивни мерки во периодот од 18 декември до 20 јануари. Министерот Филипче се осврнал и на соработката и поддршката што здравствените власти ја добиваат од Армијата во контекст на реорганизацијата на болниците во државата за прием на заразени пациенти и наши граѓани.

На средбата генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски реферирал за армиското учество во справувањето со коронавирусот и нагласил дека ангажирањето на Армијата во асистенција на институциите во спречување на ширењето на Ковид-19 тече според предвидената динамика и план. Началникот на Генералштабот, стои во соопштението, информирал за конкретните мерки, начинот на ангажирање и употреба на потребните ресурси на Армијата кои се извршуваат врз основа на побарувањата и оперативните планови на Главниот штаб.

За работата на Главниот штаб за управување со кризи при ЦУК, за преземените мерки и досегашни активности на институциите во справувањето со пандемијата и заштитата на здравјето и животот на граѓаните, на средбата информациите ги дал директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.  Тој нагласил дека нивен приоритет е рационалното и ефикасно искористување на расположливите национални ресурси, а во согласност со Акцискиот план за посеопфатно дејствување против ширењето на Ковид-19. Како што стои во соопштението од Кабинетот на претседателот, Ангелов информирал и за јакнење на капацитетите на Главниот штаб за управување со кризи, со учество на надворешни соработници од невладиниот сектор

– Претседателот Пендаровски, оценувајќи дека состојбата со коронавирусот кај нас, како и насекаде во Европа, е исклучително сериозна, повика на уште поголема одговорност и посветеност во работата на надлежните институции. Тој истакна дека е неопходна целосна координација и соработка на сите надлежни институции вклучени во активностите против ширење на коронавирусот, како и во справувањето со последиците предизвикани од Ковид-19, се наведува во соопштението од кабинетот на шефот на државата.

На средбата станало збор и за усвоената информација од Владата за вакцинација против Ковид-19, која ги опфаќа подготвеноста на системот, улогата на УНИЦЕФ како Координатор на набавки во COVAX механизмот, директните преговори со производителите и со Европската комисија и земјите-членки на Европската Унија.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

16.12.2020 - 17:03

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега