Пендаровски: Северна Македонија мора да се трансформира во стартап земја

 Претседателот Стево Пендаровски во годишното обраќање во Собранието на Македонија рече дека нам не ни е нужен дијалогот за историски прашања од антиката или од 19 век, ниту за тоа кои сме и на кој јазик зборуваме, туку нам ни треба национален консензус за сеопфатна дигитализација на општеството, за обновливи извори на енергија, современ агросектор, модернизиран здравствен систем, образование на 21 век.

Пендаровски посочи дека од првата индустриска револуција до денес, постои една константа во развојот на државите – примената на технолошките иновации е главниот фактор за прогрес на општествата. Светот е на почетокот на четвртата индустриска револуција, каде што образованието 4.0 е клучната компонента.

-Северна Македонија мора да се трансформира во стартап земја, земја во која се поддржуваат и промовираат иновациите и новите технологии преку отворање на инкубатори и технолошки паркови. За сето тоа се потребни структурни промени во нашиот образовен систем кој треба да ги подготвува учениците да решаваат проблеми, наместо да меморираат готови решенија, како што е денес, за жал, во многу училишта, рече претседателот.

Истакна дека во текот на изминатава година се обидувал во секоја можна прилика да го одржи дијалогот со политичките партии, со невладините организации, со еснафските здруженија, со поединци од сите краишта на земјата кои или имаа некој проблем или сакаа некоја своја идеја да ја презентирааат пред институциите.

-За жал, во негување на дијалогот не бев секогаш успешен затоа што понекогаш на другата страна наместо волја за разговор постоеја политички предрасуди. Но, независно од тоа, јас ќе останам доследен на мојот основен принцип и во политиката и во животот дека за сите прашања и проблеми до решенија се доаѓа низ дијалог и почит за секого, истакна Пендаровски, додавајќи и оти во наредниот период ќе продолжи да разговара со здруженијата за човекови и работнички права, со оние кои се маргинализирани и ранливи, со оние чиишто глас често не допира до нас, затоа што борбата за достоинствен живот и за правично и солидарно општество не смее никогаш да застане. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

16.12.2020 - 13:18

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега