Пендаровски: Ветингот по стандардите на НАТО- најзначајна обврска поврзана со членството во Алијансата

Оваа 2020 станавме и полноправна членка на НАТО Алијансата. Првпат во нашата историја ние не сме осамени во борбата против старите и новите закани. Заедно со нас се и 29 демократии и 29 армии како наши сојузници, рече денеска во своето годишно обраќање во Собранието на Македонија претседателот на државава Стево Пендаровски.

-На 11 февруари оваа година, кога го ратификувавме Протоколот за пристапување, на седницата на Собранието реков: „Во изминатите години, за жал, имаше многу малку прашања за кои постигнавме целосен државен консензус, а кога зборувам за тоа, не мислам само на консензус меѓу политичките елити или партии. Мислам на консензус кој ги обединува сите граѓани, независно од нивните разлики, според нација, вера или јазик. Без претензија да звучам патетично, сметам дека денешната одлука за ратификација на Северноатлантскиот договор е голем чекор во заокружувањето на македонската државност и удирање печат на нашиот територијален интегритет и суверенитет. Честа да ја донесеме оваа историска одлука ја добивме ние, претставниците на граѓаните во законодавната и извршната власт. Сега одговорноста е на нашата генерација: да му покажеме на светот дека кога се верува во исти вредности не постојат разлики меѓу малите и големите држави“, истакна Пендаровски.

Потсети дека и денес стои зад изречените квалификации, бидејќи, истакна, сум свесен за историските пропорции на постигнатото.

-Меѓутоа, тоа не значи дека сите проблеми се зад нас и дека не постојат нови предизвици кои ги носи модерното време. Хибридните закани, сајбер заканите и лажните вести беа и тоа како присутни и во време на пандемијата, а ќе бидат и во иднина. Но, за прв пат во нашата историја ние не сме осамени во борбата против старите и новите закани. Заедно со нас се и 29 демократии и 29 армии како наши сојузници, подвлече Пендаровски.

Претседателот укажа на еден аспект, кој, според него, досега не е дебатиран во јавноста, а се однесува на една обврска која е исклучително значајна и која претставува, де факто, прв ветинг на највисоките политички, безбедносни, одбранбени и разузнавачки ешалони на власта.

-Досега, за сите функционери кои имаа контакт со класифицирани информации беше потребен т.н. национален сертификат за пристап до нив, но, од март оваа година е неопходен НАТО сертификат за пристап до класифицирани информации, што значи дека, освен нас, и сите земји-членки на Алијансата мораат да потврдат дека конкретниот функционер е чист по две основи: прво, контакти со држави, ентитети и поединци кои го третирааат НАТО како свој опонент, второ, инволвираност во случаи на висока корупција каде што постои можност да бидат злоупотребени од малигни држави, поединци и ентитети, посочи Пендаровски.

Според претседателот, тоа е многу комплексен и ригорозен процес кој е во тек и кој во случаите на претходните приеми на држави во НАТО, во просек, дистанцирал од доверливите информации од 10 до 15 отсто од високите воени, полициски и политички лица.

-Првата фаза од тој процес кај нас веќе привршува, јас се надевам дека на неговиот крај ние ќе излеземе со многу помал процент на одбиени функционери, меѓутоа, секој од нас мора да е свесен дека членството во Алијансата поддразбира личен пример и вистинска, а не само реторичка поддршка на вредностите врз кои таа организација е поставена, рече Пендаровски во годишното обраќање во Собранието.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

16.12.2020 - 13:05

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега