Петровска: Континуирано работиме на подобрување на стандардите, условите за работа и на модернизацијата за Армијата

Министерката за одбрана Славјанка Петровска и началникот на Генералштабот на Армијата, генералот Васко Ѓурчиновски денеска беа во посета на касарната „Јане Сандански“ во Штип при што остварија средба со припадниците на Лесниот пешадиски баталјон и извршија увид во градежните активности на објектите кои беа опфатени со реконструкција меѓу кои и објектот кој веќе е завршен, а во кои е сместен Лесниот пешадиски баталјон (ЛПБ).

 

Во разговор со припадниците на ЛПБ министерката Петровска посочи дека оваа единица е јадрото за формирањето на Лесната пешадиска баталјонска група, декларирана за НАТО предводени мисии. Петровска упати честитки за неодамнешниот успех на единицата кога на НАТО оценувањето на вежбата „Блесок 22“ покажа дека припадниците имаат висока професионалност, способност и вештини во извршувањето на задачите и беа оценети со оцена „борбено способни за извршување на својата мисија“ согласно највисоките НАТО стандарди.

 

Таа посочи дека човечкиот потенцијал е од особено значење за нашата Армија, но за развој на човечкиот потенцијал постојат повеќе фактори меѓу кои и условите и стандардите за работа и опремата. Токму во таа насока Петровска рече дека Министерството за одбрана заедно со Генералштабот продолжува со инвестиции во реконструкција, реновирање, модернизација на објектите, опремата, вооружувањето, заштитата и сето она што е потребно за нашите припадници да имаат одлични услови во извршување на своите работни задачи.

 

„Работиме во континуитет на подобрување на стандардите, условите за работа и на модернизирање на опремата и вооружувањето. Со реконструкцијата на објектите се подигнуваат стандардите за работа на припадниците на армијата и се зголемува енергетската ефикасност на истите“, рече Петровска.

 

За време на денешната посета беше истакнато дека наскоро ќе пристигнат и првите три лесни оклопни возила JLTV за потребите на единицата, а за две недели вод од оваа единица ќе учествува на вежба во Турција со што континуирано се придонесува за подготвеноста и одржувањето на борбената готовност на нашите припадници кои ќе бидат дел од НАТО мисиите.

 

 

Министерство за одбрана

 

05.05.2022 - 14:38

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега