Петровска од кралскиот институт РУСИ: Силна осуда на руската инвазија врз Украина

„Целосно ја осудуваме руската инвазија на Украина. Северна Македонија заедно со сојузниците во НАТО дава силна поддршка на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина и нападот од Русија е повреда на меѓународното право и на човековите права во Украина“, рече министерката за одбрана Славјанка Петровска на тркалезната маса која се одржа денеска во кралскиот институт РУСИ (The Royal United Services Institute) во Лондон, Обединетото Кралство, на тема „Современи безбедносни закани и нивното влијание врз Западниот Балкан“.

 

Петровска истакна дека листата на безбедносни закани денес е навистина широка со акцент на  зголемените сајбер и хибридни закани. НАТО – Алијансата е здружена и работи заеднички да ги пресретне сите безбедносни закани. 

„НАТО има јасен одговор на сите безбедносни закани – ние ја зголемуваме нашата подготвеност за одбрана и одвраќање и ги поддржуваме меѓународните напори за стабилност и безбедност на глобално ниво“, рече министерката. 

 

Петровска истакна дека во оваа безбедносна ситуација во Европа, сосема е јасно значењето на членството на Северна Македонија во НАТО. 

 

„Како политичари ние треба да имаме јасна слика што ќе значат чекорите што ги преземаме за иднината на земјата. Денеска е јасно колкава е важноста на членството на Северна Македонија во НАТО  за безбедноста на граѓаните, и колкаво е значењето на чекорите што Владата ги презеде за да ја реализира оваа стратешка цел“, рече Петровска.

 

Министерката Петровска рече дека во оваа насока особено е важно да се забрза процесот на интеграција на Северна Македонија во ЕУ бидејќи интеграцијата има сериозен безбедносен елемент. 

 

„Во ваков момент на безбедносни предизвици неопходна е јасна интеграциски перспектива на Западен Балкан во ЕУ и расчистување на патот за Северна Македонија кон преговорите, што ќе биде силен сигнал за безбедноста на регионот“, рече министерката.

 

Петровска информираше дека Северна Македонија, ангажирајќи ги сите потребни институции и Владата во октомври 2021 година донесе Стратегија за градење на отпорност и справување со хибридни закани и дека воспостави блиска соработка со НАТО и Европската Унија на ова поле.

 

 

 

 

07.03.2022 - 13:37

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега