Политико: Албанија, Северна Македонија и Косово го потврдија сојузништвото со САД прифаќајки бегалци од Авганистан

Албанија, Македонија и Косово се првите европски земји што рекоа дека ќе обезбедат привремено засолниште за Авганистанците кои патуваат за САД откако избегаа од освојувањето на талибанците на нивната земја.

Како што објави денеска бриселскиот портал Политико, според медиумите, повеќето се цивили кои работеле со американски или меѓународни мисии во Авганистан и се евакуирани додека чекаат американски визи. Студентските домови се испразнети за Авганистанците кои доаѓаат во Албанија, додека  Македонија, се посочува, објави дека одморалиштата и хотелите ќе бидат достапни. Косово соопшти дека има капацитет да прими до 10.000 луѓе. Во среда во Албанија треба да пристигнат првите бегалци.

Трите земји, како што одбележува Политико, се меѓу најсиромашните во Европа и сите три се надеваат дека на крајот ќе се приклучат на Европската унија – иако се уште има значителни пречки пред тоа да се случи. Тоа е една од причините што тие многу се потпираат на нивната врска со Соединетите држави.

-Овие три се најпроамерикански земји во Европа, и веројатно во светот, како во однос на расположението кај населението и по усогласеноста кај политичката класа, без оглед на администрацијата што е на власт во САД, рече Тоби Вогел, аналитичар во Советот за политика за демократизација, тинк-тенк со седиште во Берлин. Тие ќе направат многу за да се приспособат на сите барања што може да ги имаат САД, смета Вогел.

За Македонија, ова е исто така начин да се покаже дека го сфаќа сериозно членството во НАТО и да добие дипломатска поддршка за да ги деблокира пристапните преговори со ЕУ, се посочува меѓу другото во анализата на Политико.

Сите 27 земји на ЕУ, се потсетува, се согласија да започнат заеднички преговори за членство со Северна Македонија и Албанија во март 2020 година. Но, Бугарија поднесе вето против членството на Северна Македонија, додека таа не признае дека нејзиниот јазик потекнува од бугарскиот јазик и не ги приспособи учебниците по историја за да одразува посилно бугарско присуство.

-Благодарноста за Соединетите држави е исклучително висока со оглед на тоа колку луѓето се разочарани и лути на ЕУ. Луѓето мислат дека САД се клучниот стратешки партнер на земјата, вели Предраг Арсовски, македонски коментатор и колумнист.

-Целиот регион очекува значителна промена од страна на сегашната американска администрација во споредба со администрацијата на Трамп. Тие очекуваат Бајден да биде многу повеќе вклучен. Ова е причината зошто тие сакаат „да ги наплатат своите чипови“ рано, рече тој, стои во анализата на Политико. 

18.08.2021 - 12:16

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега