Пратениците ја осудија агресијата врз Украина – тоа не е осуда на рускиот народ, туку на агресивната политика на Москва

Пратениците во Собранието вчера со 104 гласа „за“, три „против“ и еден „воздржан“ ја усвоија Потребата од донесување Декларација за осуда на воените напади кои го загрозуваат територијалниот интегритет и суверенитет на Украина. Декларацијата ја поддржаа сите пратенички групи во Собранието, а против неа се изјаснија само двајцата пратеници на Левица и пратеникот на Демократската партија на Србите.

Во образложението на потребата за усвојување на Декларацијата за осуда на руската агресија на Украина, поднесена од пратеничките Моника Зајкова од ЛДП и Маја Морачанин од ДОМ, се посочува дека низ историјата, човештвото сведочело за бројни војни и внатрешни конфликти, од кои цената ја плаќале само невини човечки животи.

– Жалам што во 21. век сведочиме повторно на напад на мирот, предизвик кој на никој не ни доаѓаше ниту на сон дека ќе се соочуваме. Она што се случува денес во Украина, не е само предизвик на Украина и не ја засега само Европа или Азија, туку целиот свет. Ваквите напади, не го загрозуваат само мирот и безбедноста на Југоисточна Европа туку и мирот на Балканот, рече Зајкова од собраниската говорница, облечена во боите на украинското знаме.

Таа оцени дека Собранието, како највисока институција во една парламентарна демократија, не смее да молчи на случувањата и мора итно да ја осуди воената агресија која се случува во срцето на Европа и да искаже јасна заложба за почитување на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина

– Во дипломатијата важи едно правило дека секое молчењето е согласност или одобрување, затоа не смееме да молчиме. Недозволиво е во 21 век да биде доведено во прашање постоењето на суверена и независна држава, мешајќи се во внатрешни работи, попречувајќи ги нејзините стратешки определби. Со оваа Декларација како владејачка коалиција, најостро ја осудуваме со ништо неиспровоцираната воена агресија на Русија врз Украина, која доколку итно не престане, светот ќе сведочи за огромни катастрофи и загуба на голем број човечки животи, потенцира Зајкова.

Пратеничката Маја Морачанин во име на партиите од владината коалиција оцени дека со ништо неиспровоцираната руска агресија врз Украина, претставува еклатантно кршење на меѓународното право и со тоа ја загрозува европската безбедносна архитектура и мирот на континентот.

– Ние го почитуваме правото на Украина, како и секоја суверена држава, самостојно да одлучува за своето внатрешно уредување и за своите меѓународни приоритети. Бараме од надлежните институции да бидат во тесна координација со членките на НАТО и на ЕУ и да се поддржат дипломатските напори за итен и безусловен прекин на воените дејствија во Украина, рече Морачанин.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошески соопшти дека нивната пратеничка група ќе ја поддржи Декларацијата. Истакнувајќи дека правото на Украина да има своја политика и да поставува свои надворешно политички приоритети и правото на Украина како суверена држава да не и се мешаат во внатрешните работи е принцип кој треба да го почитуваме, изразувајќи надеж оти и нашата Влада ќе го почитува овој принцип во разговорите со Бугарија.

Пратеникот Елми Азири во име на пратеничката група на Алијанса за Албанците ја поддржува Декларацијата, оценувајќи дека нападот врз Украина е напад врз „нашите заеднички западни вредности, напад врз западната цивилизација и врз слободата и демократијата и ние како држава“, а преку овој документ укажуваме дека не сме рамнодушни кон овие настани.

Пратеникот Борислав Крмов пак соопшти дека Левица нема да ја поддржи Декларацијата оценувајќи ја како еднострана, додека Иван Стоиљковиќ од Демократската партија на Србите рече дека меѓународното право многупати било прекршено досега, а однесувањето на САД во последните 30 години го нарече „конструктивна деструкција“.

Претходно, шефот на дипломатијата Бујар Османи изјави дека со поддршката што и ја даваме на Украина, Северна Македонија застанува во заштита на меѓународното право и принципите на почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет на државите и дека никој не е против рускиот народ, туку против агресивната политика на властите во Москва.

– Со поддршката на Украина ја поддржуваме нашата држава, правото секоја држава сама да си ги одбира приоритетите, вели Османи.

Шефот на Делегацијата на ЕУ во земјава, Дејвид Гир и амбасадорот на Франција во Скопје, Сирил Бомгартнер вчера на прес-конференција побараа Русија веднаш да ги прекине своите воени дејствија и безусловно да се повлече од целата територија на Украина и таа да се врати во нејзините меѓународно признаени граници, како суверена и слободна земја.

– Не можеме да дозволиме Русија да се извлече со инвазија врз мирољубива земја. Оваа инвазија ќе го уништи меѓународниот поредок. Која било земја членка на меѓународната заедница исто така може да се соочи со иста закана по нејзиниот суверенитет, истакна Гир.

Амбасадорот Бомгартнер, говорејќи од име на Франција како актуелен претседавач со ЕУ, истакна дека постои агресија, а агресорот е идентификуван, при што е забележителна активноста на ЕУ во поддршка на жртвата на агресијата.

– Не станува збор за никаква игра, односно глума, се наоѓаме на почетокот на кризата и она што е од извонредно значење е реакцијата на меѓународната заедница. И со таа активност е промената перцепцијата која што можеби сме ја имале појдовно. Очигледно е дека западната страна е навистина обединета и тоа на највисоко ниво со една ефикасност која се чини дека никој не ја оспорува, додаде Бомгартнер.

Двајцата амбасадори ја поздравија и улогата на Северна Македонија, која, според нив, демонстрираше меѓународна солидарност и одговорност, веднаш се усогласи со итните санкции на ЕУ против Русија и служи за пример во рамките на НАТО, со својот придонес во реакцијата на случувањата во Украина. сп/вг/

 

04.03.2022 - 09:11

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега