Пратениците распаваа за Извештајот на ЕК за Северна Македонија за минатата година

Пратениците во Собранието денеска расправаа за Извештајот на Европската Комисија за Република Северна Македонија за 2021 година, кој опозицијата и власта го искористија за меѓусебни обвинувања за тоа кој колку направил или не направил за доближување на земјата кон Европската унија.

Опозициските пратеници велат дека Извештајот е реален приказ на, според нив, лошата состојба во сите области во земјава, дека оценките се полоши отколку во претходните извештаи и оти треба да се направи се тоа да се промени. Пратениците од власта, пак, посочија дека во него се нотира оти во сите поглавја или кластери има одреден напредок и дека состојбите се многу подобри отколку за време на владеењето на сегашната опозиција.

Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ во реплика на еден од пратениците од опозицијата како лицемерни ги оцени дискусиите и изразената грижа за европскиот пат на земјава, бидејќи, како што рече, претставници на опозицијата кои се локална власт во одредени општини кочат европски проекти за подобрување на состојбите.

-Во општина Лозово спречувате проект од 9 милиони евра за управување со отпад од животинско потекло, во Свети Николе проект од 40 милиони евра каде што треба регионално да се управува отпадот, а во општина Битола се уште не сакате да направите ништо во врска со финансирање на реконструкција на канализацијата. Ова лицемерие, овде да критикувате а таму кај што имате власт да ги кочите европските проекти многу е јасно за граѓаните. Сега може да кажувате лажни вести дека со тоа се уништува животната средина, делегацијата на ЕУ понуди да отиде делегација на вашите општини во Австрија, во Словенија да види како исти такви фабрики функционираат и како тоа нема врска со лажните вести кои ги презентирате дека ќе се загади животната средина, рече Маричиќ.
 
Пратеникот Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека не треба да се зборува многу за тоа кој колку направил на европскиот пат на земјата.
 
Во 2015 година, која вие ја споменувате, истакна пратеникот Лефков, просечната оценка во Извештајот на ЕК била 2.06, а сега во 2021 година е 1.52. Затоа, нагласи, немојте да зборувате за тоа колку вие се грижите европската иднина на граѓаните, бидејќи, рече, вие се „грижите само за партите од европските фондови кои треба да завршат во компании блиски до власта“.
 
Пратеничката Даниела Колева од СДСМ во репликата на говорот на Лефков, истакна дека нема ниту една негативна оценка, во ниту едно поглавје или кластер.
 
-Никаде за ниту едно поглавје нема напишано дека нема напредок или дека има ограничен напредок, туку дека има умерено подготвена или делумно подготвена. Значи нема ниту еден негативен контекст во ниту едно поглвје ниту еден кластер, истакна Колева.
 
За разлика од тоа, истакна таа, во дел од извештаите кога вие бевте на власт се споменуваше за заробени институции и клучни сектори од страна на државата, како и за сериозни предизвици за демократско владеење во земјата.
 
За пратеникот Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ овој Извештај е реален и ја отсликува лошата состојба во земјава. Затоа, нагласи, тој треба да се восприеми како заедничнка задача и да се работи заедно за состојбите да се променат.
 
-Заедно треба да изнајдеме решенија кои што во иднина ќе донесат еден поквалитетен извештај, а тоа ќе биде и поквалитетна слика за Република Македонија во Европската Комисија. Затоа е потребно најпрво да се почитуваат европските вредности, а еден од основните темели за тоа е дијалогот помеѓу власта и опозицијата, кој за жал во Република Македонија го нема. Овде може да се види се од аспект да се брани или напаѓа противникот, но, нема да слушнете опозицијата и власта да седнат и да дефинираат заедно државни приоритети на кои заеднички ќе работат, рече Петрушевски.
 
Затоа, рече, ќе ја искористам приликата да го потворам повикот на ВМРО-ДПМНЕ за лидерска средба на која ќе се разговара за овие прашања.
 
На Петрушевски му реплицираше пратеникот Ненад Коциќ од СДСМ кој истакна дека за тоа колку е направено говори реалната слика, која, нагласи, кажува дека ЕУ дава препорака на оваа држава да почне преговори за членство во Унијата.
 
-Единствена причина поради која не се почнати преговорите е блокадата или ветото кое што е ставено како резултат на активностите на одредени структури во Република Бугарија, рече Коциќ.
 
Расправата по оваа точка пратениците ќе ја продолжат во поладневниот дел од 57-та собраниска седница по редовната едночасовна пауза. 
05.05.2022 - 17:10

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега