Преку проект ќе се заштитуваат пештерските екосистеми во Галичица

Охридскиот Црвен крст потпиша договор со Prespa Ohrid Nature Trust – PONT за финансиска поддршка за реализација на проектот „Заштита на пештерските екосистеми и загрозените растителни и животински видови во Националниот парк Галичица од негативните ефекти на климатските промени“.

Проектот, како што информира општинската организација на Црвен крст – Охрид, ќе се реализира во периодот од 2022 до 2024 година во партнерство со истражувачкото друштво „Урсус спелеос“, а корисник на резултати, покрај проектниот тим, ќе биде и Националниот парк Галичица, како и млади лица кои гравитираат кон заштитеното подрачје.

– Цел на проектот ќе биде зајакнување на капацитетите на Националниот парк Галичица и подигнување на свеста на локалното население за адаптација кон климатските промени и заштита на загрозените растителни и животински видови и пештерски екосистеми. Тоа ќе се постигне преку научни истражувања на пештерите Самотска Дупка и Лескоечка пештера и инвентаризација на сите пештери во Националниот парк Галичица, ќе се подготват видео материјали, флаери и научни публикации за промоција на подземните карстни форми, ќе се проучува загрозениот биодиверзитет, а ќе се подготват и мерки за заштита на загрозениот биодиверзитет, стои во информацијата на Црвен крст – Охрид.

За проектниот тим и претставници од Националниот парк Галичица ќе се организира студиска посета на заштитеното подрачје Шкоцјанске Јаме во Словенија за размена на искуства и позитивни практики

Предвидено е, меѓу другото, да биде подготовен видео материјал за превенција од влијанието на климатските промени и влијанието врз пештерските екосистеми и загрозените растителни и животински видови во Националниот парк Галичица за намалување на ризици од природни катастрофи предизвикани од климатските промени, како и опремување на три едукативни катчиња…

Со финансиска поддршка на ПОНТ претходно беше реализиран проектот „Развој на едукативни ресурси за заштита на пештерите и лилјаците во Националниот  парк Галичица“.

16.08.2022 - 10:58

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега