Прилепското инфективно одделение испразнето за новиот централен довод на кислород

Инфективното одделение во Прилеп е без лежечки пациенти додека се спроведува централниот довод за кислород. Се очекува за два-три дена да биде спроведен доводот, проект кој тече последниве два месеца. Во моментов на одделението функционира амбулантата за преглед во која дневно има околу 100 пациенти и уште триесетина кои примаат дневна терапија.

Според директорот на прилепската болница, Драган Богојески, ќе се олесни функционирањето на одделението, особено за пациентите кои имаат потреба од кислород.

-Во моментов сите пациенти од инфективното одделение се префрлени на трите ковид-одделенија во болницата: на уво,нос и грло, на очното и на интерното одделение. Според изведувачот за два до трид ена ќе заврши спроведувањето на централниот довод на инфективното одделение. Сега нема да се носат постојано боците за кислород, ќе се олесни лекувањето за 20-ина пациенти, зашто ќе има толку приклучоци за кислородот, а воедно ќе се ослободат места за новите пациенти. Кога ќе се оспособи инфективното, ќе се ослободат 30 кревети и ние ќе бидеме во ситуација да ги примиме новите случаи кои треба да се лекуваат, изјави Богојески.

Во моментов на трите-ковид  одделенија во болницата има од 25 до 27 пациенти. Капациететот е за околу 110 легла. Инаку, од Центарот за јавно здравје велат дека моментално на болничко лекување се 106 пациенти.

-Инаку во сите четири дела во болницата ќе имаме капацитет за сместување на 100 до 110 пациенти што мислам дека ќе биде доволно да ги сместиме сите пациенти на болничко лекување со Ковид-19. Во инфективното одделение ќе бидат пациентите со потешка клиничка слика и со потреба од кислород зашто ќе има 20 вградени дозни во одделението за доводот на кислородот, објаснува Богојески.

Останува проблемот со недостиг од персонал. Дел од потребите се покриваат со прераспределба на медицинскиот персонал, останува недостигот, главно од болничари.

-Ангажирани се 15 специјализанти, има ангажирани и 8 медицински сестри , уште две од Здравствениот дом. Имаме три-четворица болничари каде е дефицитно. На одделенијата има заболени 20-ина медицински цсестрии болничари и околу 5 лекари. Пријавени се и млади доктори кои волонтираат во инфективната амбуланта. Правиме максимални напори да обезбедиме персонал. Во инфективното да има по две медицински сестри и болничари во смена. Но не е лесно, вели Богојески.

Во болницата нема антивирусна терапија, а нема ниту протокол за давање конвалесцентна плазма на заболените. Со проблемот на медицински персонал и на работ на капацитетите за сместување, болницата се снаоѓа како знае и умее.

Инаку, во Прилеп, од почетокот на пандемијата, се заболени1818 лица, од кои 765 се активни. На болничко лекување се 106, а на домашно 659 пациенти. Само во првата недела од ноември во прилеп има нови 377 заболени и 15 починати пациенти. Од почетокот на пандемијата во Прилеп починале 78 граѓани.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

10.11.2020 - 15:28

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега