Продолжи штрајкот на регионалните и локалните медиуми

Продолжува штрајкот на регионалните и локалните медиуми, кој почна на 26 минатиот месец. Од денеска има прекин на програмата на пет минути на секој реален час програма, а нема да ги следат и настаните од дневно-информативен карактер во локалната заедница во која емитуваат програма.

Ова го соопштија од Здружението на овие медиуми „Медиум објектив“, откако до денеска надлежните инстутуции не им одговорија на нивните барања. Тие бараат од Владата да биде прифатено нивното барање за ослободување од 50 отсто за плаќањето на надоместокот за дозвола, кое го испратиле лани на 24 ноември, откако претходно Регулаторот обезбедил 50 отсто намалување.

-Покрај тоа, бараме покривање на трошоците за дигиталниот мултиплекс 2022 година кон А1 Македонија за регионалните ТВ станици кои емитуваат програма преку ДВБ-Т и покривање на трошоци на оние ТВ станици кои емитуваат програма преку оператор на јавна комуникациска мрежа и кон истиот вршат плаќање, формирање на Фонд за медиуми и дополнување на членот 102 од Законот за АВМУ, стои во денешното соопшштение на Здружението „Медиум објектив“.

Според здружението, заради нерешање на овие проблеми многу мал дел од маркетингшкиот колач завршува кај локалните и регионални медиуми, има одлив на финансии од државата по основ на рекламирање во странски сателитски медиуми, социјални медиуми и портали, како и континуирано затворање на локални и регионални медиуми и намалување на бројот на вработените.

05.05.2022 - 14:54

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега