Ревизија утврди неправилности во Трудовиот инспекторат - за дел од набавките немало постапка за јавна набавка

Државниот завод за ревизија (ДЗР) извршил ревизија на работењето на Државниот инспекторат за труд во делот на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност сметка на основен буџет 637 за 2020 година. Притоа, меѓудругото, утврдил отсуство на пишани процедури за системот на внатрешни контроли во процесот на набавки и плаќање, неизвршување на работните задачи од вработените во обем и начин утврден со актите за систематизација, но и оти постапките за јавни набавки се спроведувани само од лицето ангажирано по договор за услуги, за дел од набавките не се спроведени постапки за јавна набавка и нецелосно се применети одредбите од Законот за јавни набавки.

Исто така, како што соопшти денеска Државниот завод за ревизија, утврдено било и ненавремено сметководствено евидентирање на ново набавените средства и слабости при вршење на попис.

– Изразивме неповолно мислење за вистинитоста и објективноста на финансискиот извештај и за усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставени политики. Препорачавме изготвување на пишани процедури за движењето на финансиската документација и проверка на сметководствените документи за извршени набавки на стоки и услуги; – вршење на работните задачи од вработените во секторите во обем и начин утврден со актите за систематизација, спроведување на постапките за јавните набавки со учество на сите членови од комисијата и спроведување на постапки согласно Законот за јавни набавки, велат од Државниот завод за ревизија.

Цел на ревизијата, како што информираат оттаму била да се види дали финансискиот извештај е ослободен од материјално погрешни прикажувања и дали активностите, финансиските трансакции и информациите во истите се во согласност со законската регулатива.

09.03.2022 - 13:05

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега