Рустеми за „ТНТ“: Предлагам обвинетите да бидат огласени за виновни

Обвинителот Бурим Рустеми смета дека не докажал дека ексминистерот Миле Јанакиески сторил злоупотреба на службена положба и овластување во делот на јавната набавка. Тој му посочи на судот дека се откажува од тој дел на обвинението. Рустеми ја прецизираше и штетата која според него била нанесена на бизнисменот Фијат Цановски, а која изнесува 683.514.964 денари. За останатиот дел од обвинението, а кое се однесува за незаконско уривање на „Космос“, Рустеми е уверен дека докажал дека обвинетите ги сториле делата.

„ За втората точка од изреката на обвинението, а бидејќи не произлезе дека Миле Јанакиески го сторил кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување, се откажувам од обвинението“, кажа Рустеми.

Обвинителот Рустеми кажа дека да се одреди ефективна казна затвор.

„ Сметам дека успеав да ја докажам фактичката состојба, предлагам обвинетите да бидат огласени за виновни. За Миле Јанакиески, кажав и претходно, тој се извини, ги потврди разговорите, а тоа е олеснителна околност, која треба особено да се цени. Предлагам за судот како околности да ги цени степенот на кривичната одговорност, последицата од делото односно штетата, фактот дека истите комбинирано се обидувале да ја избегнат кривичната одговорност, фактот што не изразија каење и жалење освен Јанакиески. И затоа сметам дека треба ефективна казна затвор за обвинетите“, кажа Рустеми.

Обвинителот остана на ставот дека Груевски му се одмаздувал на Цановски, па затоа „Космос“ бил отстрануван. Тој смета дека не е точно тврдењето на одбраната кои докажуваа дека објектот отстапувал од квотите.

„ Сметам дека докажав дека обвинетите ги сториле делата. Дека Никола Груевски ја злоупотребил функцијата и ја реализирал желбата да му се одмазди на политичкиот противник Фијат Цановски, но и да го дискредитира како лице, кое наводно постапувало незаконски. Фактот дека обвинетите Груевски, Јанакиески, Трајковски, ја користеле политичката моќ за вршење влијание, претставувало упад во правниот систем. Се докажа дека изјавата на Цановски е вистинита дека му се одмаздувале“, кажа Рустеми.

Рустеми во овој процес, дека минирањето било по наредба на Груевски, докажува со прислушуваните разговори.

„ Кога ги анализираме телефонските разговори, а за докажување на вината Никола Груевски за да го спречи Фијат Цановски да го гради објектот, се потврдува со неговата намера да го смени ДУП и ГУП. Ова докажува дека Груевски дека апсурдна била причината за уривањето на Космос“, додаде Рустеми.

Според обвинителот Рустеми, објектот се отстранил, иако немало причина за уривање. За стручните мислења, одлуките на судовите, кажа дека се издејствувани под присила.

27.04.2022 - 12:17

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега