Шекеринска во разговор со мировниците во Авганистан: 13-те мировници кои се позитивни на Ковид 19 се во добра состојба

13 припадници на Армијата на Македонија од водот за обезбедување на Главната команда на мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан се позитивни на коронавирус и се наоѓаат во изолација. Уште седуммина припадници на водот се наоѓаат во карантин поради контакт со заразените. 

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска попладнево разговараше со полковникот Златко Кузманов од главната команда во Кабул, кој ја информираше  дека сите наши мировници се во добра општа состојба, без симптоми на болеста и згрижени во соодветни услови.

Полковникот Кузманов информираше дека во мисијата „Одлучна поддршка“ вирусот бил претходно проширен на околу 2.000 лица, а новиот бран  се случил во последните десетина дена. Дека нашите мировници се позитивни на коронавирус, било откриено на редовните тестирања кои во базата се вршат еднаш неделно.

Министерката Шекеринска  им посака побрзо опоравување на припадниците на Армијата и побара редовно дневно известување за нивната состојба. Таа рече дека министерството за одбрана ќе одговори на каква било потреба или барање во координација со главната команда на мисијата.

Другиот дел од  припадниците на Армијата кои во мисијата „Одлучна поддршка“ се ангажирани како штабни офицери во Командата за обука, асистенција и советување – главен град, на аеродромот КАИА, се во добра здравствена состојба и редовно ги извршуваат своите должности.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

11.11.2020 - 16:40

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега