Симоновски: Скалата за која бевме обвинувани за набавката ги покажа придобивките - имавме три интервенции

Територијалната противпожарна единица на Град Скопје годинава имала 110 интервенции повеќе во однос на лани. Командантот на ТППЕ Скопје Владимир Симоновски во интервју за МИА открива дека до 25 август годинава имале 930 интервенции додека лани во истиот период 820 интервенции.

Во интервјуто, Симоновски зборува и за 5 август, денот кога имаше рекордни 22 интервенции во Скопје, како и за неопходноста за набавката на мултифункционалната противпожарна скала со која веќе е интервенирано во три случаи за еден месец – пожарите во „Охис“ и „Рагуза 360“ и спасувањето на заглавени лица во стан на 8 кат.

– Скалата за која бевме обвинувани за набавката ја покажа на дело нејзината неопходна потреба за еден месец од ставањето во функција. Имавме три интервенции и тоа пожар на катната гаража-Рагуза (каде што граѓаните кои ги видоа на дело нејзините перфоманси, ги дадоа своите позитивни мислења за скалата преку социјалните мрежи). Тука е и пожарот во фабриката „Охис“. Со скалата имавме и една техничка интервенција – спасување на заглавени лица во стан на 8 кат. Околу обвинувањата и споредбите Загреб-Скопје и цената на истата скала сакам само да дадам информација дека Загреб има оперативни шест скали, а ние имаме еве сега една, а до сега беше набавена само една во 1974 година. Мислам дека најнеопходна беше набавката на ваква скала со потребната дополнителна опрема и мултифункционалноста за секакви интервенции, нагласува Симоновски.

Во август бевме сведоци на пожари од големи размери какви што не се паметат во државата, Симоновски посочи што треба да се направи за во иднина повторно да не се соочиме со истите проблеми.

– Да бевме сведоци на големи пожари, но сепак не е неочекувано времето на пожарите. Како и секогаш во нашите обраќања до јавноста и граѓаните, преку вас медиумите, овој период е токму тој во годината кога се очекуваат ваквите пожари на отворен простор или окарактеризирани како шумски пожари.

Противпожарните екипи беа на висина на задачата и со сите расположливи сили кои ги имаат во своите единици, а знаете дека секогаш сме информирале дека недостатокот на опрема и средства за локализирање на такви пожари е во огромен недостаток на целата територија на државата, поготово во реоните каде што имавме пожари од големи размери како на пример Нагоричане, Пехчево – Делчево.

Ако анализираме малку подлабоко во темата на пожарите, со временските промени и глобалните затоплувања на светско ниво и наглите промени на временски прилики, се повеќе може да очекуваме вакви пожари во наредните години. Не треба да се занемари и човечката негрижа и невнимание, а и соодветните институции да бидат подготвени, кажа Симоновски.

29.08.2021 - 11:59

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега