Синдикатот на пожарникарите бара целосна исплата на вработените во ТППЕ преземени од МВР

Независниот синдикат на државна администрација, во чиј состав е Синдикатот на пожарникарите на Македонија денеска на средби со претставници на Владата и директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов, побараа централизирање на единиците за противпожарна заштита во едно тело, регулирање на платите, иста вредност на бодовите и ист вредност на висина на бодот.

Горан Ристески, претседател на гранскиот Независен синдикат на државна администрација на денешната прес-конференција истакна дека на средбата со советникот за одбрана на премиерот побарале целосно да се почитува одлуката донесена од  претседателот на техничката Влада, Оливер Спасовски, каде стои дека за секој припадник на територијална противпожарна единица (ТППЕ) преземен од МВР да биде обесштетен со 60 илјади денари.

Ристески рече дека единствено кумановскиот градоначалник ја испочитувал оваа одлука и тие пари се дадени како дел од плата за припадниците ТППЕ Куманово.

Според Ристески, на разговорот во Владата со советникот на премиерот наишле на разбирање околу нивното барање за целосно, а не селективно спроведување на владината одлука во делот на исплатата на вработените во ТППЕ, кои што биле преземени од МВР.

– Не се решава се со протести. Ние како Независен синдикат на државната администрација и Синдикатот на пожарникарите во Македонија се обидуваме институционално да го решиме истиот проблем. Но, доколку и понатаму не најдеме решение и разбирање од локалната и централната власт, ќе мораме да излеземе на протести. Ќе бидеме принудени, со цел не да го свртиме само вниманието, туку и да ги натераме институциите во државата да почнат да работат, рече тој.

Како што посочи Ристески, од страна на директорот на ЦУК добиле целосна поддршка за решавање на овој проблем со измена на Законот за противпожарникарство и тоа во делот на пензионирањето и начинот на пензионирање на припадниците на територијалните противпожарни единици.

06.05.2022 - 15:32

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега