Славески: Арсовска не сакаше ребаланс и ги попречуваше советниците да го донесат буџетот во законски рок

На 14 ноември оваа година се одржа редовна седница на Советот на Град Скопје, при што прва точка од дневниот ред беше изменување и дополнување на буџетот на Град Скопје за 2022 година (ребаланс на буџетот). Седницата за ребаланс на буџетот беше првично планирана за 21 октомври, но на барање на Кабинет на градоначалничката Данела Арсовска датумот беше неколкупати поместуван за седницата да се одржи на еден ден пред истекот на законскиот рок за носење на ребалансот на буџетот (15 ноември) од страна на Советот на Град Скопје. Ова е првиот индикатор за несериозноста во пристапот на градоначалникот со управувањето на финансиите на главниот град на Република Македонија, вели советникот од ВМРО-ДПМНЕ и претседател на Советот на Град Скопје, Трајко Салвески.

 
Во рокот за доставување амандмани беа поднесени 14 од страна на советниците. Во текот на амандманската расправа со мнозинство гласови беа усвоени повеќе амандмани. По завршување на амандманската расправа, а и во текот на дискусијата по одделни амандмани, од страна на претставник на Секторот за финансии при Град Скопје беше укажано дека некои од нив би можеле да ја нарушат рамнотежата на буџетот. За членовите на Советот на Град Скопје ова беше јасно и на предлагачот му беше укажано дека во ваков случај градоначалникот има две опции: прво, целосно да го повлече предлогот за изменување и дополнување на буџетот или, второ, да достави сопствени предлог-амандмани на текстот, со кои ќе се воспостави рамнотежата со вклучените амандмани претходно усвоени од страна на советниците. По едночасовна пауза, градоначалничката Арсовска го извести Советот дека тие немаат никаков предлог по што членовите на Советот со мнозинство гласови ги донесоа измените и дополнувањата на буџетот на Град Скопје за 2022 година“, се вели во писмената изјава на Славески.

Според него, со ваквата постапка станало очигледно дека градоначалничката Арсовска немала интерес од носење коректен ребаланс на буџетот на Град Скопје за подоцна вината да ја префрли врз советниците, со кои воопшто не соработува при подготовката на значаен документ, како што е ребалансот на буџетот.

Уште повеќе, на само неколку недели пред рокот за доставување буџет на Град Скопје за 2023 година, никој од членовите на Советот, кои треба да дискутираат и да го донесат буџетот, нема никаква информација и отсуствува каква било координација на релација Совет – градоначалник. По сѐ изгледа, Арсовска не само што не сакала да се донесе ребалансот на буџетот за тековната година, туку, веројатно, се впуштила во авантура да ги оневозможи членовите на Советот на Град Скопје во законскиот рок да го донесат и буџетот за 2023 година. Членовите на Советот ова нема да го дозволат, дополнува Славески во писменото обраќање.

22.11.2022 - 21:04

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега