Сојуз на средношколци: Заканите кон нашиот претседател ги пријавуваме во Одделението за компјутерски криминал

Сојузот на средношколци ја известува јавноста дека заканите по живот коишто ги добива нашиот претседател како коментари на социјалните мрежи ги пријавивме во Одделението за компјутерски криминал на Министерството за внатрешни работи. За случајот се информирани и ЗНМ, Советот за етика во медиумите, Меѓаши, УНИЦЕФ и Хелсиншкиот комитет.

Имено, на 4 мај 2022 на Фејсбук страницата на „Кооперација.мк“ се појави сатиричен текст со наслов „САКАМ ДА СЕ УКИНАТ РАСПУСТИТЕ! САКАМЕ ДА УЧИМЕ !!!“ во кој, иако се велеше дека е изјава дадена од анонимен член на Сојузот, беше прикачена фотографија на нашиот претседател Лука Павиќевиќ од неговото најскорешно гостување на ТВ Сител.

Самиот факт што истиот стана еден од најкоментираните и најсподелуваните текстови на порталот со над 34.000 прегледи, илјадници коментари, закани по живот, навреди и говор на омраза, пробуди одговорност да се огласиме на темата.

Првично, клучно е да потенцираме дека станува збор за текст со сатирична авторска содржина напишана од автор на Кооперација.мк, а не вистинска изјава од било кој член на Сојузот на средношколци. Поради поставената слика на објавата од Лука Павиќевиќ, огромното мнозинство на читатели заклучија дека станува збор за изјава од страна на член на Сојузот на средношколци, поконкретно самиот претседател. Ова доведе до голем број од горенаведените негативни последици. Проблемот го согледуваме земајќи ги предвид импликациите врз достоинството на секој средношколец во државата.

Со оваа наша објава, сакаме да се оградиме од каква било одговорност во врска со статијата на порталот „Кооперација.мк“. Ставот и барањата на Сојузот никако не се поврзани со конкретниов медиумски запис.

Во тој поглед, сакаме да го искажеме нашето разочарување со личните напади, навреди и коментари директно насочени кон Лука Павиќевиќ и Сојузот. Сојузот е разочаран дека порталот не преземал ништо да ги отстрани коментарите со заканувачката содржина и што одлучил да ја употреби таа фотографија.

Ваквите ситуации дополнително ја докажуваат потребата за зголемена едукација и свест за медиумската писменост, впрочем една од нашите главни заложби како Сојуз. Ова е само додатен мотив за уште поупорно да работиме кон остварување на нашите цели.

Сојузот на средношколци на Македонија

09.05.2022 - 20:26

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега