Спас Ташев: Бугарија бара нешто невозможно од земјава

Она што се случува меѓу Бугарија и Македонија во моментов е логична последица од последните 30 години, смета д-р Спас Ташев од Институтот за население и хумани студии при Бугарската академија на науките (БАН), додавајќи дека Софија мора да ја смени својата политика кон Скопје од пасивна во проактивна.

– Во последните 30 години, бугарската политика кон Македонија имаше две многу важни карактеристики – недоследност и плашливост. Поради оваа причина, пропуштивме многу шанси да решиме некои од проблемите, изјави Ташев во емисијата „Светот е бизнис” на Блумберг ТВ Бугарија.

Според него, изминативе децении нема напредок во ниту една област, ниту во инфраструктурата, ниту во културата, ниту пак во економските и медиумските проекти.

Тој смета дека на среден рок сегашната ситуација не и одговара и Бугарија и таа мора да ја смени својата политика од пасивна во проактивна.

– Ние мора да го спроведеме Договорот за пријателство и добрососедство со конкретни содржини и иницијативи, бидејќи во моментот тој се заснова само на добри желби, но во ниту една област не се напредуваше, додава Ташев.

Според него, ако Бугарија нема „алатка за влијание врз општеството во Северна Македонија”, не може да очекува промена во билатералните односи.

Ташев оценува дека Бугарија бара нешто невозможно од земјава, оценувајќи дека „тоа што сега се случува во Скопје не е причина, туку последица на воспоставените односи со Белград”.

– Од оваа гледна точка, на Македонија и е потребна бугарска поддршка за надминување на оваа зависност, заклучува Ташев. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

12.11.2020 - 11:41

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега