Спасовски: Ние како регион припаѓаме во Европската Унија

 Ние како регион припаѓаме во Европската Унија, истакнува министерот за внатрешни работи на Северна Македонија во интервјуто за грчкиот весник „Та неа“ во кое говори за соработката со Грција, за регионалните безбедносни прашања, но и за ЕУ перспективата на земјава, јави дописничката на МИА од Атина.

Интервјуто под наслов „Билатерална соработка за безбедносни прашања“ е по повод работната посета на Спасовски во Грција, неговото учество на министерската конференција во рамките на Процесот за соработка во Југоисточна Европа и средбата со неговиот грчки колега Такис Теодорикакос.

Министерот вели дека во сегашните околности, членството во ЕУ е важно не само за Северна Македонија, туку и за целиот регион, а одговарајќи на прашањето дали пристапот станува поитен и како порака за ревизионистичките политики и како одговор на Русија, истакнува дека Европската Унија треба да ги прифати Албанија и Северна Македонија како дел од нејзината стратегија, а не како одговор на никаква политика, „бидејќи ние како регион припаѓаме во ЕУ“.

Весникот пишува дека „зајакнувањето на соработката меѓу Скопје и Атина во сите области, меѓу кои и безбедноста и стабилноста е пораката што за време на неговата посета на Грција, ја испрати министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски“.

-Меѓународниот организиран криминал, тероризмот, илегалната миграција претставуваат предизвици кои ги засегаат не само нашите земји, туку и земјите од целиот регион и Европа, вели Спасовски во интервјуто и ги споменува двата договори за кои разговарале со Теодорикакос, едниот за полициска соработка во борбата против организираниот криминал, а другиот за договор за реадмисија“.

За важноста на билатералната соработка во сенка на руската инвазија на Украина, истакнува дека е важно да се продолжи и во областа на безбедноста „за стабилноста во регионот“.

-Се договоривме дека ќе имаме размена на информации и податоци на дневна основа со цел заштита на регионот. И двете земји, како членки на НАТО делиме исти вредности и исти можности за зајакнување на нашата соработка со цел стабилност на регионот, објасни министерот, додавајќи дека во моментов, заедничката оценката е дека нема „знаци на нарушување на мирот во регионот“.

Истакнува дека нашиот регион е од посебно стратешко значење, што е предност, но „ни носи доста предизвици“ и посочува дека секоја земја мора да биде посветена на одржување на мирот и стабилноста за граѓаните.

Осврнувајќи се на прашањето за илегалната миграција, Спасовски потенцира дека во моментов има намалување на протокот во двете земји и нагласува дека војната во Украина принуди многу луѓе да ја напуштат земјата, прашање што, како што рече, било покренато и на вчерашната министерска средба, при што сите земји учеснички се согласиле дека се подготвени да примат бегалци од Украина на своја територија. 

05.05.2022 - 10:41

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега