Спасовски: Привилегија е да се биде дел од Армија на НАТО членка

 

Почитувани припадници на Армијата. Дозволете ми во мое лично име и во име на МВР да ви го честитам денешниот празник, 18 август – Денот на Армијата на Република Северна Македонија, со искрена благодарност за вашиот ангажман за заштита на безбедноста и суверенитетот на нашата држава, напиша министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на неговиот фејсбук профил.

По формирањето на првиот партизански одред баталјонот „Мирче Ацев” во 1943 година, како и по три децениската самостојност и заложба кон исполнување на НАТО стандардите, по професионалниот однос на храбрите жени и мажи припадници на Армијата и по темелните одбранбени реформи, објави тој, можам да кажам дека Армијата денес претставува кредибилна и почитувана членка на најмоќниот воено-политички сојуз во светот, посакуван партнер во НАТО мировните мисии, а нашата држава стана фактор за мир и стабилност во регионот.

– Привилегија е да се биде дел од Армија на НАТО членка, дел од вежби од светски ранг – пред неполни три месеци на Криволак беше изведена вежбата „Одлучен удар 21“ на сојузничките Армии на Северна Македонија, САД, Грција и Бугарија – доказ дека заедно сме посилни.

Сакам да оддадам и посебно признание на припадниците на Армијата кои повторно покажаа и докажаа дека се на првите борбени линии насекаде кадешто е потребно, рамо до рамо со полициските службеници, пожарникарите, медицинскиот персонал и солидарните граѓани, без оглед на тоа дали станува збор за криза од пандемијата со Ковид-19 или од катастрофалните пожари низ државата, неизмерно сме благодарни за вашиот придонес за безбедна и перспективна иднина за денешните и идните генерации. Нека е честит и за многу години 18-ти август, Денот на Армијата на Република Северна Македонија!, напиша министерот Спасовски на ФБ.

18.08.2021 - 11:23

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега