Спасовски се сретна со Кавано: Соработката меѓу Македонија и Интерпол во скоро ќе биде продлабочена

Денеска, (05.05.2022) во Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија се одржа работна средба помеѓу Министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски и Извршниот директор на полициските служби при ИНТЕРПОЛ, г-дин Стефан Кавано.

На средбата министерот Спасовски се заблагодари на прифатената покана за присуство на Регионалната Конференција од страна на претставник на ИНТЕРПОЛ, посебно дека истата е организирана како дел од активностите за да се одбележи 7 Мај – Денот на полицијата, и напомена дека го радува што има ваков широк состав на шефови на полиции во нашата земја, како и претставници на меѓународните организации, посебно од ИНТЕРПОЛ и ЕВРОПОЛ, правејќи ја средбата од важност за регионалната и глобалната безбедност. Меѓудругото, тој ја изрази спремноста за организација на Европската Регионална Конференција во 2023 година, кое пак се поклопува со 30 годишното членство во ИНТЕРПОЛ.

Министерот Спасовски истакна дека соработката меѓу Република Северна Македонија и ИНТЕРПОЛ ќе биде продлабочена во секој облик во иднина, отворени сме како Министерство за проширување на соработката и дека остануваме кредибилен партнер на ИНТЕРПОЛ.

Извршниот директор на полициските служби при ИНТЕРПОЛ се заблагодари на поканата и од име на Генералниот Секретар г-динот Јирген Сток и изјави дека Северна Македонија не е само кредибилен партнер, туку е лидер во регионот за соработка во областа на сузбивање на криминалот и подобрување на безбедноста. Потенцираше дека поддршката што ја даваме за размената на податоци е важна за глобалната безбедност и за сите 195 земји членки на ИНТЕРПОЛ, жртвата што ја прави Министерството за внатрешни работи на Северна Македонија со отстапување стручен кадар за придонесување на развој на активностите на ИНТЕРПОЛ се вреднува од самата организација.

Извршниот директор напомена дека Северна Македонија е мост на Западен Балкан и дека сакаат да ги интензивираат идните активности во земјата, при што зрази благодарност за нашата спремност за организација на Европската Регионална Конференција, а понатаму, даде и поддршка за развој, поврзување и усогласување на националниот форензички систем со системите на ИНТЕРПОЛ.

05.05.2022 - 20:28

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега