Стефанова незадоволна од казните за Груевски и Мијалков: „Казните се ниски“

Казните за обвинетиот Никола Груевски и Сашо Мијалков за случајот „Плацови на Водно“ се ниски. Ова е ставот на обвинителката Лиле Стефанова, која го водеше случајот. Таа вели дека за неа од особена важност е конфискацијата на имотот и додаде: „Трите луксузни стана во ‘Панорама резиденс’, двата стана на ‘Бихаќска’, во кои живеел Груевски, а сега живее неговото семејство, градежното неизградено земјиште на Водно од 2.700 квадратни метри, имотот во Крушево и земјиштето што беше конфискувано во моментот според пазарната вредност вредат околу три милиони евра“.

„Со пресудата целосно се потврди тезата на Обвинителството дека обвинетиот Никола Груевски и другите обвинети го сториле кривичното дело перење пари, а Груевски и делото противправно стекнување и прикривање имот. Сметам дека Обвинителството во овој случај понуди и беа изведени квалитетни докази, од кои во целост се докажа диспозитивот на обвинителниот акт. Во однос на Никола Груевски се покажа дека додека бил премиер, дејствувал коруптивно, стекнувал имот, чие потекло го прикривал, не го пријавил во својот анкетен лист. А исто така се докажа и во целост дека во 2012 година, преку фирми, офшор-компании со сложена шема, која денеска судот целосно ја образложи, за себе купил имот во Македонија со незаконски парични средства“, рече Стефанова.

Обвинителката посочи дека дел од казните е правилно одмерен, а за дел, по писмената пресуда, ќе се одлучи дали ќе има жалби.

„Овде мислам за казните кон Никола Груевски и Сашо Мијалков. Барам поголеми казни. Сметам дека за обвинетиот Никола Груевски за кривично дело за кое е предвидена казна затвор од една до 10 години, казната затвор од пет години е ниско определена. За сето тоа ќе се произнесеме кога ќе ја добиеме пресудата“, додаде Стефанова.

21.04.2022 - 17:05

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега