Свечените изјави без уставното име што ги потпишаа штипските советници од ВМРО-ДПМНЕ и Левица се спротивни на Уставот, oцени Инспекторатот
Свечените изјави без уставното име што ги потпишаа штипските советници од ВМРО-ДПМНЕ и Левица се спротивни на Уставот, е заклучокот на инспекторите од Државниот инспекторат за локалната самоуправа. Решението опомена до градоначалникот на Општина Штип и до претседателот на Советот е пристигнато попладнево.
Според она што го пишува во решението, советниците од мнозинството ќе мора да потпишат нови свечени изјави, но и да се повторат одлуките кои во меѓувреме се донесени.
Свечените изјави треба да се усогласат со Уставот бидејќи тој е највисок правен акт кој произведува супериорно правно дејство и сите закони и прописи мора да бидат усогласени со него, пишува меѓудругото во Решението на Државниот инспекторат за локална самоуправа.
Со решението на Инспекторатот опомени заработија градоначалникот Иван Јорданов и претседателката на Советот Весна Карагунова-Кожинкова. Следен чекор е потпишаните свечени изјави без уставното име да се повлечат, а на наредна седница да се потпишат нови со уставното име. Такви насоки доби службата на Советот.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Душко Иванов вели дека очекува да го види решението, кое до службите пристигнало доцна попладне, по што ќе имаат координација и ќе го кажат својот став како понатаму ќе постапат согласно добиеното решение од Државниот инспекторат. За в понеделник е закажана и трета седница на Советот, на којашто треба да се носи и ребаланс на буџетот.
Доколку мнозинството советници не постапи согласно добиеното решение од Инспекторатот во рокот кој им е даден, во тој случај можат да се соочат и со мерката „забрана за прописи“. Ова ќе значи целосна болокада на работата на Советот на општината.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа