Свештена бигорска Обител: Радувајте се, зашто повеќе не сме оставени сами

Серадосно благовестие од Цариград, е првата реакција на Свештената бигорска Обител по одлуката на Вселенската Патријаршија да ја признае Охридска Архиепископија за канонска.

– Со одлуката на денешното заседание на Светиот Синод на Вселенската Патријаршија, возглавен од Неговата Сесветост, Патријархот Вселенски г. г. Вартоломеј, се отстранува повеќедецениската шизма наложена врз нашата древна Охридска Архиепископија. Тоа значи дека Вселенската Патријаршија ја признава црковната јерархија предводена од Архиепископот г. Стефан за канонска и валидна во сеправославниот свет и воспоставува канонско и литургиско општење со неа, се наведува во објавата на Бигорскиот манастир.

Во објавата се пренесува текстот од официјалното соопштение од Канцеларијата на Светиот Синод на Вселенската Патријаршија по што се додава дека повеќе не сме сами, туку во заедница со Великата Христова Црква.

– Радувајте се, Кириле и Методие, наши најсвети татковци и учители! Радувај се, Свети Клименте славен, Охридски светилнику! Радувај се, Свети Јоване Дебранин, прв светителу на охридскиот престол и секогаш споменуван ктиторе на Бигорската Обител! Радувајте се, славни Охридски Архиепископи: Лаве, Теофилакте, Константине, Прохоре, Арсение и сите останати! Радувај се, Архиепископе Доситее возобновителе! Радувајте се, сите духовни чеда на Архиепископијата наша славна, зашто повеќе не сме оставени сами, туку сме во заедница со Мајката Црква, со Великата Христова Црква! Слава на Светата, едносуштна, животворна и неразделна Троица, сега и секогаш и во веки веков, се вели во објавата од Бигорскиот манастир.

09.05.2022 - 19:38

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега