Таравари обвинува дека Заев нудел пари на пратеничка на Алијанса – премиерот демантира

Генералниот секретар на Алијанса за Албанците и градоначаланик на Гостивар, Арбен Таравари обвинува дека премиерот Зоран Заев им нудел пари на пратеници за да преминат кон парламентарното мнозинство.

-Заев знам дека со пари се приближува на повеќе пратеници. Ова е јавна тајна, сите знаат. Им предлага да им даде сума на пари да преминат кај нив, меѓутоа, нашите пратеници се одлучни. Знаат дека нашата цел е подобро утре за сите, а не да се биде дел од криминалци и корумпирана Влада, рече Таравари.

Како што тврдеше во гостувањето на Сител, Заев нудел пари на пратеничка од АА.

-Па и на наша пратеничка нудел пари директно тој, меѓутоа, нека остане ова оти пратеничката веднаш ги одбила, не сакала ниту да збори. Меѓутоа имало такви обиди, рече Таравари.

Премиерот веднаш демантираше оценувајќи ги овие тврдења како груба манипулација.

-Премиерот Заев најостро ги демантира изнесените лаги и дезинформации дека наводно тој или било кој друг по негова насока нудел пари на пратеници. За оваа груба манипулација, лага и клевета ќе бидат преземени сите правни дејствија низ правосудните институции доколку господинот Таравари веднаш јавно не ја повлече изнесената клевета и доколку јавно не се извини, се вели во дописот од владината прес-служба.

30.11.2021 - 20:46

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега