Тасевска: Следуваат нови мерки за помош и пониски цени на основните производи

Законот за финансиска поддршка на социјално ранливи категории граѓани за справување со енергетската криза е усвоен во Собранието, со што се создадоа сите предуслови за финансиска помош во следните четири месеци за близу 200.000 граѓани. Следните четири месеци финансиска помош од државата ќе добиваат лица кои користат право на попреченост, родители на лица со попреченост кои користат право на посебен додаток, самохраните родители кои примаат гарантирана минимална помош, како и стечајните работници. Финансиска помош е обезбедена и за над 91.600 пензионери кои добиваат пензија до 11.525 денари, како и за над 66.000 пензионери кои добиваат пензија од 11.525 до 14.000 денари, вели Лидија Тасевска, пратеничка на СДСМ.

Тасевска исто така посочи какви мерки за помош имало во претходните месеци.

„Сите, пензионери, претходно оваа година добиваа три месеци по 1.000 денари финансиска помош, а годинава имаше и две покачувања вкупно од 10 отсто. Просечната пензија се зголеми за над 1.500 денари само за неколку месеци односно од март до септември. Во март оваа година минималната плата ја зголемивме на 18.000 денари, а од септември оваа година, повисоки плати се обезбедени во образованието, во здравството, во детската заштита, во одбраната и полицијата. Со обезбедување на фиксна и далеку поевтина цена на струјата за компаниите кои произведуваат основни прехранбени продукти, се очекува намалување на цените на лебот, брашното, млекото, маслото за јадење и месото за околу 10 отсто, што ќе донесе помали трошоци за семејствата.  Сето ова е дел од мерките и решенијата што СДСМ преку Владата и парламентарното мнозинство ги презема за полесно надминување на последиците од светската економска криза. Продолжуваме со вистинска грижа за сите граѓани“, кажа таа.

17.11.2022 - 14:06

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега