Тренчевска: Едукацијата за здравјето е од особено значење за заштита на сите граѓани

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска се сретна со Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари. На средбата потпишаа меморандум за соработка меѓу Министерството за труд и социјална политика и Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари во делот на заштита и унапредување на здравјето на децата и малолетните лица, младината, жените и лицата со пречки во развојот на Република Северна Македонија.

„Целта на потпишувањето на меморандумот е унапредување на здравјето и континуирана здравствена едукација, подигнување на јавната свест за користење на психоактивни супстанции од страна на децата, негување на менталното здравје во предучилишните установи и установите за социјалната заштита, значењето за заштита од сексуално преносливи болести кај младите како и совети за репродуктивно и сексуално здравје, промоција на вакцинацијата за ХПВ вирусната инфекција, безбедно планирање на бременост, адолесцентска бременост. Запознавање на младината со нивните законски права. Како и промоција на рамноправноста на половите, запознавањето со типовите на родово базирано насилство, правата како и соодветна заштита и згрижување на жртвите од сексуално насилство“ рече Тренчевска.

Министерката изјави дека со соработката ќе се овозможи координација меѓу институциите и реализација на активности кои ќе овозможат стекнување на вештини и знаења за одговор на предизвиците кои ги наметнува современото општество.

„Превенцијата на болестите и соодветната едукација се од особено значење за сите граѓани. Потребно е да ги мапираме целните групи со кои што ќе работиме и каде што ќе постигнеме најголем успех при работата. Како министерство секогаш се залагаме да ги испорачаме услугите во вистински раце “ истакна Тренчевска.

На крајот од средбата двете страни се согласија на плодна соработка меѓу институциите со која ќе се достигне целта на потпишаниот меморандум.

05.05.2022 - 17:46

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега